Музичарот Владимир Блажев од ДНК јавно реагира дека имаме музичари кои оставиле печат, кариера и багаж зад себе, вложиле години, финансии, и на крај тоа го крунисале со албуми, концерти, хитови и награди, и дека на некој од веќе докажаните треба да му се даде шанса да не претставува на Евровизија 2021, наместо по втор пат избраниот Васил Гарванлиев.
-Да не се сфатиме погрешно, на Васил му посакувам среќа, бидејќи кој и да е ќе си ја прифати шансата, но на оние кои се мешаат во ова, на оние кои не им е местото туку, кои диригираат, кажуваат кој да оди преку разноразни конекции и врски, а немаат допирни точки со музика би им порачал конечно да престанат и да се тргнат на страна. Има артисти кој имаат оставено огромен печат, кариера и багаж зад себе, влог на години, финансии и на крај сето тоа крунисани со безброј успешни албуми, концерти, хитови и награди. Некогаш едноставно треба да има ред, хиерархија и почит! Гарантирам дека 80 отсто од колегите ќе се согласат со мене, а многу луѓе можеби и не, но јас сум тој што сум, секогаш јасен и гласен. Бар со мене знаеш на што си- објави музичарот на својата официјална страница, откако МРТ ја соопшти веста дека Гарванлиев ќе не претставува на Евровизија.
И негови колеги реагираат на изборот, споредувајќи го со Калиопи, која во неколку наврати не претставуваше на настанот, но велат дека јавно не би коментирале, бидејќи манифестацијата Евровизија веќе со години наназад не е тоа што била во минатото и за многу од нив не претставува предизвик кој би им донел значителен успех и напредок во кариерата.
Одлуката која вчера ја соопшти Националниот сервис МРТ, дека и годинава изборот за наш претставник на Евровизија паднал на Гарванлиев, наиде на многу спротивставени реакции во јавноста. Голем е бројот на оние кои му ја даваат поддршката на Васил, бидејќи е музичар кој се школувал во познати музички универзитети надвор од земјава, настапил на иста сцена со Селин Дион, Енрике Иглесијас, Нели Фуртадо и многу други ѕвезди и веруваат дека ќе не претстави во најдобро светло.
Но, исто така, присутни се и реакциите дека Гарванлиев е најверојатно избран бидејќи е по потекло од Струмица, родниот град на премиерот Зоран Заев, и се актуелизираа шпекулациите дека има некаква врска со семејството Заеви. Слични реакции имаше и минатата година, кога Васил беше избран да не претставува на Евровизија 2020, а на прашањето на ,,Фокус” околу актуелните шпекулации дали можеби е во роднинска врска со премиерот, тој одговори дека Македонија е мала земја, каде сите со сите се знаат.
– Свесен сум дека секогаш публиката ќе има различни ставови и мислења, изборот е наш на која страна ќе погледнеме. Јас секогаш гледам напред, се трудам да бидам позитивен, искрен и реален со себе и се фокусирам на најдоброто што го имам и што го правам. Уметниците се најголемите амбасадори кои го претставуваат својот народ и култура, следствено на тоа природно е да имаме поддршка за тоа што го правиме. „Продолжи да не претставуваш секаде каде одиш, пеј за луѓето, пеј за твојата земја и никогаш не за политика” – ова е еден од советите што премиерот Зоран Заев ми го даде пред неколку години – ни раскажа во ланското интервју Васил.
Вики Клинчарова