Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера ја објави седмата бомба, каде што тврдеше дека владини функционери ги местат и фалсификуваат изборите и волјата на граѓаните, денеска се огласија членови на Државната изборна комисија. Тие тврдат, дека во понеделник на седница на комисијата ќе разговараат за новите објавени аудио-снимки.
Никола Рилкоски, прв човек на ДИК, во изјава за медиуми вели дека не е информиран за снимките и не ја слушнал содржината на разговорите. Тој посочува и дека тоа се снимки кои се однесуваат на локалните избори во 2013-та кога на чело на ДИК е Борис Кондарко.
Дел од актуелните членови на ДИК, велат дека комисијата треба да се состане во понеделник и да заземе официјален став.
– Ние не сме се виделе со претседателот. Треба в понеделник да се видиме да се усогласиме и да заземеме став како Државна изборна комисија и потоа да го соопштиме- изјави за телевизија 24 Вести, членот на ДИК, Субхи Јакупи.