За досега планираните избори на 5 јуни ќе се потрошат околу 7,5 милиони евра информираат од Државната изборна комисија, откако на седница го усвоиле финансискиот план.
Според него, 40 милиони денари се предвидени за печатење на избирачки ливчиња и обрасци, 25 милиони за избирачките одбори во дијаспората, 9 милиони за чување доверлив материјал, 9 милиони за транспорт. Ова планирање е во рамки на средствата обезбедени од буџетот.
Според роковникот што го објави ДИК Избирачкиот список јавно ќе биде објавен на 25 април, а во рок од 15 дена граѓаните ќе можат да проверат дали се на списокот. До 9 мај трае пријавувањето за гласање на македонските државјани кои живеат во странство односно за гласање во 7-та изборна единица. Избирачкиот список треба да биде заклучен на 19 мај.
Одлуките во ДИК се носат со мнозинство гласови, во отсуство на членовите од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, кои велат дека нема да доаѓаат се додека не се создадат законски услови.