Државната изботна комисија (ДИК) денеска на прес-конференција апелираше до македонските државјани во странство да ја искористат можноста за пријавување за гласање за предвремените парламентарни избори до 11 ноември. Оттаму информираат дека до денеска до 13 часот за гласање во странство се пријавиле 6.639 граѓани и оти прифатени се 6.059, 134 се одбиени, а 446 се во обработка.
Од ДИК посочуваат дека согласно одредбите од Изборниот законик, еден пратеник во седмата изборна единица ќе биде избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со којшто е избран пратеник со најмалку број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори.
Според резултатите од последните парламентарни избори од 2014 година тој број на гласови изнесува 6.478.
– Тоа би значело и дека избори во седмата изборна единица ќе се организираат доколку ДИК заклучно со 11 ноември прифати најмалку 6.478 од поднесените пријави – изјави на денешната прес-конференција Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
Според информациите од Комисијата, најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во Дипломатското конзуларно петставништво во Детроит, САД.
За овие избори дијаспората ќе гласа во една, а не во три изборни единици како што беше досега, а за пратеник да биде избран ќе мора да освои минимум 6.478 гласа, колку што е просечниот број на гласови со кои на последните избори се избирале пратениците во земјава. Токму поради овој цензус што се воведува за прва пат постои можност на овие парламентарни избори од дијаспората да не се избере ниту еден пратеник.