Дијаспората собира пари за семејствата на осудените за настаните од 27-ми април

by Fokus

Наши иселеници ширум светот собираат донации кои ќе им бидат поделени на семејствата на осудените за нападот на Собранието од 27-ми април 2017 година. Иницијатор на акцијата е претседателот на Светски Македонски Конгрес- Канада, Боби Темелков, а како што е наведено во објавата, целта на акцијата е да се соберат најмалку по 1.000 евра за сите 18 осудени лица, и да им бидат донирани на нивните семејства по повод новогодишните празници.

И минатата година Темелков организираше ист настан, кога се собраа околу 10.000 евра, кои им биле поделени на фамилиите на осудените за нападот. Годинава, на страницата за донации се апелира дијаспората да се обедини и да биде поажурна, за да се соберат повеќе средства. Од почетокот на донаторската акција, пред два дена, до сега донирале над 80 лица и се собрани над 5.000 канадски долари.

Објавена е и листа со имињата на осудените чии семејства ќе ги добијат средствата, и помеѓу нив се Јане Ченто, Митко Чавков, Игор Југ, Душко Лазаров, Вилијам Михајловски, Мунир Пепиќ, Горанче Ангеловски и други. Според пресудата за предметот за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година, на обвинетите им беше изречена казна затвор од вкупно 211 години. Единствено оперскиот пејач Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека останатите добија затворски казни од седум до 18 години.

Беа обвинети 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок, а 15 од нив беа амнестирани со Законот за амнестија. Помеѓу нив се најдоа и повеќе пратеници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости