Плевнелиев: Останува наративот проектиран од времето на Тито дека сме „татари, фашисти и окупатори“!

by Fokus

Се наоѓаме во историски момент. Бугарија носи голема одговорност за тоа што се случува во регионот. Решенијата кои ќе бидат донесени оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, со сигурност ќе го сменат правецот на развој. Се надевам дека ќе биде за добро. Посакувам успех, наведува поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев во анализа за софиски „24 часа“.

– Многу добро ги помнам темните години на режимот на Груевски, и затоа премиерот Заев за мене е светлина во тунелот, надеж за подобра иднина и му посакувам успех. Но, зад секој успех стои правилен план и пристап како да успееш, пишува Плевнелиев.

Тој смета дека политичкото раководство на Скопје направило погрешен чекор и историска грешка пред 25 години, кога решило да се конфронтира со Грција, како земја членка на ЕУ и НАТО, заборавајќи дека основни принципи на тие организации се консензус, компромис и добрососедски односи.

Според Плевнелиев, ако тогаш бил избран компромис и соработка со Грција, Република Северна Македонија ќе се присоеднела кон ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и пред нив.

– Лидерите на земјата денес се исправени пред истата дилема – да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО, смета Плевнелиев.

Тој во анализата додава дека раководството во Скопје не треба да очекува оти Бугарија „ќе се откаже од богатата историја под меѓународен пристисок“.

– Не е добар план премиерот Заев да продолжува да настојува за македонско малцинство во Бугарија, бидејќи тоа никогаш не постоело. Во Скопје се загрижени дека Бугарија нема да го признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина, пишува поранешниот бугарски претседател.

Плевнелиев во анализата наведува дека во Бугарија владее „длабока разочараност“ затоа што Договорот за добрососедство не ги дава очекуваните резултати.

– Нема променет однос кон историјата, нема промена во учебниците, видлив е говорот на омраза кон граѓаните со бугарско потекло и останува наративот проектиран од времето на Тито дека сме „татари, фашисти и окупатори“, додава Плевнелиев, потенцирајќи дека она што го сака Бугарија е навистина да почне да се применува Договорот и да даде резултати.

Според него, постои добро и лошо сценарио во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Лошото сценарио е ако Скопје реши дека добитната стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото, а денес на Бугарија. Ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што правеа во последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи. Тој статус кво ќе биде во интерес само на Србија и Русија, кои продолжуваат да поттикнуваат антибугарски чувства и да отцртуваат линии на поделба во Република Северна Македонија. За разлика од Скопје, Тирана ќе продолжи со реформите. Ако Северна Македонија задоцни премногу во споредба со Албанија во процесот на интеграција кон ЕУ, тоа може да предизвика голем проблем, кој дури може да го доведе во прашање нејзиниот територијален интегритет, што ќе биде недозволиво за демократскиот свет, оценува поранешниот бугарски претседател.

Поврзани новости