Дијагнозите на Прибе како печат за “бомбите“

by lali

djelalДеновиве излезе извештајот на експертската група на Европската комисија, кој беше своевиден печат на одземањето на легитимитетот на власта на Груевски. Извештајот на групата, предводена од Рајнхард Прибе, одекна силно во македонската јавност. Огромни злоупотреби на институциите и голема корупција е главниот заклучок до кој се доаѓа откако ќе ги прочитате 20-те страници, кои се пишувани и работени во последните два месеца.

Недостатоците беа лоцирани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми. На самиот почеток стои дека демократијата, еднаквоста и почитување на човековите права, како и владеењето на правото, се дел од основните вредности на кои е основана Европската унија. А нам, како на земја која е кандидат, би требало да ни е од суштинска важност строгото почитување и спроведување на овие вредности.

ВЛАДА БЕЗ „РЕФОРМАТОРОТ“

Според извештајот, УБК работела надвор од своите овластувања во полза на Владата за да ги контролира највисоките претставници на јавната администрација, обвинители, судии, како и политичките противници, со нарушување на независноста на судството и другите институции. Според анализата на обемот, квалитетот и опсегот на прислушуваните материјали се заклучува дека се правени во Управата за безбедност.

Аферата со прислушувањето открива и прекршување на основните човекови права, директно инволвирање на владини функционери во криминал, од изборни измами, преку корупција, па се до злоупотреба на власт, како и уцени, изнудувања и многу други нелегални активности.

За корупцијата се вели дека е најсериозен проблем со кој се соочува земјата. Дури и заслужува и посебен извештај поради тоа што политичката корупција е присутна на многу нивоа. Стандардите на демократско владеење треба допрва да бидат исполнети.

Сите овие наоди кои се напишани во извештајот речиси во целост се поклопуваат со укажувањата и критиките на опозицијата, како и на независните аналитичари и релевантните невладини организации. Ваквите забелешки дојдоа во момент кога се преговара за решение која и каква Влада би спровела предвремени парламентарни избори во април.

Нема сомневање дека овој извештај може да биде дополнителен аргумент кој во преговорите ќе помогне Груевски да се повлече од премиерската функција и изборите да ги организира транзициска Влада, на чие чело нема да биде “реформаторот“. Затоа, очекувам дека до крајот на месецот ќе може да има договор на преговорите помеѓу ДПМНЕ и СДСМ, кој ќе биде поддржан од страна на двете албански партии, договор кој ќе предвидува каква Влада ќе ги организира изборите.

ПАСТИРОТ Е ДОТЕРАН ДО ЅИД

Тоа што за мене останува дилема е дали дијагнозите кои ги констатираше Прибе ќе добијат специјален набљудувач, кој би требало да биде гарантот дека препораките ќе бидат прифатени и ќе бидат коректно спроведени.

Ми се чини дека конечно Груевски е дотеран до ѕид, ми се чини дека конечно нема простор за маневар. Доколку пастирот се одлучи да не го прифати овој извештај, тоа за него ќе значи дополнително влошување на неговата позиција.

Впрочем, тој на почетокот тврдеше дека нема да преговара со опозицијата за нивните барања и објавувањето на “бомбите“. Потоа рече дека ќе преговара, но предвремени парламентарни избори нема да има. Откако “бомбите“ го изместија режимот, Груевски прифати предвремени избори, но нив да ги спроведе Влада со него на чело. А сега веќе е извесно дека предвремените избори ќе ги спроведува Влада чиј премиер нема да биде Груевски.

Со други зборови: “бомбите“ си ја завршија својата работа, легитимитетот на власта е одземен, а овој извештај на Прибе му доаѓа како печат на сите тие “бомби“.Сега е важно опозицијата да обезбеди контролен механизам кој ќе значи спроведување на договорот кој ќе се постигне. Не спроведување на договореното е единствена сламка за која би можел да се фати “реформаторот“.

Не смее да се дозволи договорот кој ќе се потпише повторно да биде прогласен за тоалет хартија, едноставно ќе мора да има силен гарант однадвор дека договорот ќе биде спроведен. Читајќи го извештајот, се добива чувство дека конечно меѓународната има план за Груевски.

Поврзани новости