Дијабетичарите реагираат: Јасно ни е дека ќе се коцкаат со нашето здравје

by Фокус

Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ денеска реагираше на настапот на доктор Ивица Смоковски во емисијата „Јади Бурек“ на Јанко Илковски на „Сител 3“. Во продолжение пренесуваме дел од реакцијата.

„Докторот Смоковски кој меѓудругото, покажа дека повеќе се разбира во возила отколку во дијабет, тврди дека инсулините што, можеби тој самиот ги одбрал – та нели е некаков советник – нема да имаат никакви штетни последици по здравјето на дијабетичарите. За жал дотичниот немаше кој да го праша (бидејќи од Илковски и не може да се очекува да знае што е тоа дијабетес) дали знае што во суштина претставува во животот на дијабетичарот балансот на инсулинот, гликамијата и физичката активност, како тој баланс се постигнува, и логично на ова што претставува настанувањето на дисбаланс макар бил „краток“ една недела, десет дена 15 дена…!? Дали знае како живее дијабетичар кога само еден единствен ден има проблеми со гликемијата, и дали знае какви реперкусии може да има лудувањето на гликемиите во тие „куси“ рокови на прилагодување на нови инсулин? Гарантира ли и ако гарантира со што гарантира, дека сите дијабетичари без исклучок лесно ќе ги прифатат новите инсулини. И што ќе биде со оние случаи кои сосема сигурно ќе ги има што единствено не ќе можат да се „навикнат“ на нeкои од новите видови инсулини? Слушнал ли тој доктор воопшто за индивидуалните специфики на дијабетесот? Му влегува ли во главата дека свесно, со умисла, ги тера дијабетичарите на коцкање со нивното здравје, дали е свесен дека секоја промена на инсулин треба да биде постојано мониторирана од доктор, посебно во првите неколку недели, дали воопшто ги има прочитано упатствата за користење на инсулините, истите оние упатства на кои самото министерство за здравство има удрено печат?

Понатаму знае ли колку деца имаме дијабетичари во државата, и дали знае дека во упатството за користење на „лантусот“ (според она што го видовме во емисијата по се изгледа негов омилен инсулин) самиот производител назначил дека за тој инсулин не постојат клинички студии за деца до шест годишна возраст!? Според ова, пак, дали е свесен, разбира ли, дека со тоа ги прави децата дијабетичари заморчиња бидејќи ете ќе ја имаме можност врз нив да го тестираме „лантусот“.

Нам ни е јасно дека со настапот на Смоковски ни се испрати уште една недвосмислена порака дека одлуката за коцкањето со здравјето на дијабетичарите е донесена и дека таа нема да се промени. Јасно ние и зошто министерот Тодоров изгледа толку смешно во јавноста кога говори на оваа тема – како поинаку кога како советник има човек кој што единственото искуство со лица со дијабетес го има како поранешен вработен во една фармацевтска компанија од која заминал не по негова воља. Дури јасно ни е и дека репресијата, подмолноста, кукавичлукот ќе продолжат. Но без оглед на се, а тргнувајќи токму од првите совети што секој доктор специјалист за оваа состојба му ги дава на човек со дијагностициран дијабет – ќе продолжиме сами да бидеме чувари на сопственото здравје. Никој и ништо нема да не заплаши и поколеба и натаму да продолжиме да му се спротивставуваме на дијабетот, а тоа понајмалку ќе биде министерството за здравство без оглед на квалитетот на советниците кои што таму работатат (се надеваме само дека не се сите како Др Смоковски)! Во оваа трагедија во која не втурнуваат како влог (за незнаеме чии интереси) го ставаат нашето здравје, здравјето на децата, младите на нашите пријатели, на нашите сакани. Ако го начнеме здравјето го губиме животот. Е тоа задоволство господа, нема да ви го дозволиме. .Животот е наше право, не поткленуваме пред дијабетесот, што па да потклекнеме пред вас.

И на крај само сакаме да ви ја упатиме следната порака дека, ние со нашето долгогодишното живеење со дијабетесот, сме и повеќе од подобни за да зборуваме за можните последици од ваквата ваша одлука, не за џабе Македонискиот народ рекол, прашај пателец а не гаталец“.

Поврзани новости