Топол мир

by lali

JaniЗа жал настапите на претседателот Иванов веќе не се ниту смешни. Тие се навреда на интелигенцијата, потценување на секој што реално живее и ја сака Македонија. Иако во фокусот на самитот на Обединетите нации е борбата со глобалното затоплување, секако, покрај настаните поврзани со ИСИС, претседателот тера партиска агенда. Хорхе за загревање отиде во Yale divinity school, теолошки факултет на Yale универзитетот. Секако новинарите кои се таму со наши пари, известија дека Хорхе зборувал на Yale универзитетот, без да прецизираат дека станува збор за теолошкиот факултет. Секако тоа не е никаков проблем, но јавноста треба да знае како се трошат парите на граѓаните. На снимката што ја видовме, во публика имаше 17 луѓе, од кои само тројца носеа слушалки, а Хорхе зборуваше македонски, што зборува за познавањето на нашиот јазик од страна на студентите на Yale универзитетот. Или?

Таму Хорхе ги убедуваше студентите теолози дека кај нас има наезда од млади луѓе кои сакаат да се вработат, не само од регионот, туку млади Германци, Швеѓани, кои молат да се вработат во растечката економија. Дека е газење на граничните премини и студентски домови од млади луѓе од регионот. И нормално порача дека во Грција политиката ја водат личности како да се од Студената војна. Среќа наша што Хорхе е од топлиот мир. Завален во некоја барокна фотелја со термофор и топлинки, во шума каде што никој не му доаѓа, гледајќи само програми одобрени од Владата, нормално да е тој политичар од топлиот мир.

Во борбата со Грција му се придружи и Милошоски, додавајќи арома на целата борба, додуша аромата некако засмрде, веројатно од местото каде што го криел знамето при преминот на граница.

Токму за такви забегани политичари, политичари кои не живеат во реалноста зборуваше во Обединетите нации Леонардо ди Каприо (мојот несуден победник на последните Оскари, да си кажам). Ди Каприо ги повика присутните лидери на влади на ургентна акција. Наместо фиктивен проблем од некој филм, зборуваше за реален факт, за најголемата опасност во годините што следат. Зборуваше за чиста вода за пиење и чист воздух, како неотуѓиво човеково право. Потсетувајќи дека не зборува политички или партиски, туку човечки, ги повика лидерите на земјите од единствената планета што ја имаме за живот да повлечат историски потези, или ќе останат оцрнети во историјата.

А претседателот Иванов полетувајќи накај Америка, остави држава во која тој и неговата партија која е на власт целата енергија и пари ги трошат на минатото, а не на иднината. Држава која според анализата на Светска банка има најзагаден воздух во светот. Иванов нема во Њујорк да им каже дека тој е претседател на држава во која тврдите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП (според истата анализа на Светска банка).

Иванов ужива во топлиот мир и не знае дека од половина час дожд во градот во кој живее настанува поплава и тотален хаос. Гарант во обраќањето ќе им зборува колку Македонија е спремна во борбата со глобалното затоплување, бидејќи на програмите што ги гледа нема прилози за сечата на дрвата на Водно, за опасноста која демне од она што е изградено покрај и во реката Вардар и слично. Ќе се обрати во име на држава каде што поради импровизации со парното и цената на струјата, греењето на дрва стана наше секојдневие.

Експертите на ОН уште во јануари оваа година во Доха предупредија дека емисиите на јаглеродниот диоксид и другите штетни гасови во периодот 2003-2010 растат за 2,2 проценти годишно, ние последните години за жал сме над тој просек. Знае ли Иванов за административните лавиринти во процесот на добивање дозвола за обновлива извори? Знае колку странски инвеститори се откажале поради неажурноста или, пак, поради друго од поединци на власта?

Иванов во Обединети нации ќе зборува како претседател кој поддржува буџет, каде што наместо пари за филтри во фабриките што загадуваат, се трошат за разно-разни криминално забегани проекти како што е на пример панорамското тркало. Буџет од кој 8 години нема вложено ниту едно евро во изградба на енергетски објект што би произведувал струја. Иванов во филмот во кој живее ќе зборува и за гасификацијата (јужен тек) за која во отчетот прочитавме дека е најзаслужен, ама тој филм уште не е снимен.

Можеби претседателот Иванов за глобалното затоплување не знае многу, тоа го нема на спотовите што му се емитуваат на програмата која му го дополнува топлиот мир. Но, затоа видовме како претседател знае што се случува со младите. Од таа негова топлинска перспектива, и студентскиот дом „Гоце Делчев“ е реновиран, аеродромскиот дел за полетување празен. Веројатно мисли и дека сите млади да се роднини на министрите од власта и се вработуваат додека кажеш разумен компромис. Во исто време на сосема друга страна, во Киев свој состанок имаше енергетската заедница.

И таму нѐ потсетија дека не смееме да работиме фиктивно, туку реално. Да не се глуми, туку следат, почитуваат и имплементираат европските стандарди и директиви. Во заклучоците и ни напишаа на земјите од Западен Балкан дека од 2015-та можни се и санкции. Од нас се бара регионално поврзување, она што недостасува и со нашите соседи во борбата со глобалното затоплување, како што е заштитата на езерата.

А, ние? Ние уште ќе се занимаваме со камата на Ќосето и ќе уживаме во топлиот мир чекајќи иднината да дојде со решени проблеми, по можност.

Поврзани новости