Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со сирискиот претседател, Башар ал-Асад, во Хангжу, главниот град на источната кинеска провинција Жеџијанг, јавува новинската агенција „Ксинхуа“.
Сирискиот претседател е во Хангжу за да присуствува на церемонијата на отворање на 19. азиски игри закажани за сабота.
„Денеска, заеднички ќе го објавиме воспоставувањето на кинеско-сириското стратешко партнерство“, најави Си и додаде дека тоа ќе биде пресвртница за билатералните односи.
Тој рече дека кинеско-сириските односи го издржале тестот на промените во меѓународната ситуација и дека нивното пријателство е зајакнато.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад вчера пристигна во Кина во прва посета на земјата од почетокот на 12-годишниот конфликт во Сирија.
Минатата година Сирија се приклучи на кинеската иницијатива „Појас и пат“, во која Пекинг го проширува своето влијание во регионите во развој преку инфраструктурни проекти.