Џими Мицевски обвинет во „Транспортер“: Имаме мали турбуленции, ама ,,Молика’’ заминува на турнеја!

by Fokus

Џими Мицевски, фронтмен на популарната битолска група ,,Молика’’ и сопруг на вокалистката Анета Мицевска тврди дека нивната група ќе ја одржи веќе договорената турнеја во Австралија. Турнејата започнува кон крајот на ноември, а ќе трае се до средината на месец јануари наредната година, и се најавени настапи во поголемите градови како Перт, Мелбурн, Сиднеј, Волонгонг и други.

,,Сакам да ја информирам јавноста дека ,,Молика’’ заминува на договорената турнеја низ Австралија. Точно е дека во овој период имаме мали турбуленции, но ние продолжуваме напред. Се најдовме во една незавидна ситуација, но правдата ќе излезе на виделина. Инаку, ние сме познати како група која досега имала над 30 турнеји низ Европа и светот’’ – вели Мицевски.

Веста дека Мицевски кој е еден од обвинетите, вчера побарал да се одложи следното рочиште за случајот ,,Транспортер’’, поради закажаната турнеја, предизвика бурни реакции кај јавноста. Имено, музичарот освен што е активен на естрадата, има и транспортна компанија, и заедно поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и дваесеттина други лица се товари за злоупотреба на службената положба во врска со случајот со превоз на учениците.

Специјалниот јавен обвинител Трајче Пеливанов вчера изјави во судот дека постои опасност од бегство доколку Мицевски ја напушти државата. Сепак, фронтменот на групата вели дека ,,Молика’’ продолжува да функционира како и досега, а турнејите во Австралија се нивна традиција со години наназад.

Анета и ,,Молика’’ пред две години прославија 20 години на естрадата. Важат за едни од најбараните музичари во дијаспората, но и кај нас. Вокалот на Анета неретко е споредуван со легендарната Витни Хјустон, и имаат добиено голем број на награди и признанија во регионот.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости