Битолчаните Џенгис, неговата сопруга Драгана и сестра му Кармен, веќе дванесет години наназад ги разубавуваат битолчани, но и голем број на граѓани од другите градови, со нивната посебна метода за депилација – кубење на влакна со конец.
Во нивното студио сместено во Старата Чаршија во Битола доаѓале познати пејачки, старлети, политичари, но и обични граѓани кои што се грижеле за својата хигиена и убавина. Велат дека методата на депилација со конец ја донел Џенгис од Германија, каде што бил на усовршување, и веруваат дека се првите во земјава кои што ја примениле оваа техника кај нас.
„Секогаш кога ќе се донесе нешто ново, нашиот народ по малку е скептичен, и треба да помине време, но и да се покажат резултати, додека да се сфати дека новитетот е добар. Така беше и со депилацијата со конец. Станува збор за отстранување на влакната со конец со брзи потези со ширење и стеснување на конецот, при што се отстрануваат од корен и најситните влакна. Методот е доста ефикасен и секако хигиенски, бидејќи конецот е за една употреба. Не радува тоа што луѓето бргу го прифатија, па салонот ни е секогаш полн со муштерии.
Ни доаѓаат и жени и мажи, а бројот на мажите во последниве години ги надминува жените, што е за изненадување. Се бара депилација на веѓи, на лице, на интима, на раце, нозе, гради, грб…
Изненадувачки е колку нашиот посилен пол се грижи за својата убавина, и имаме муштерии кои што се билдери, политичари, модели… Не смееме да ги откриваме нивните имиња, кај нас дискрецијата е загарантирана, но и самата јавност може да забележи кој политичар средува веѓи, кој има мазни раце и нозе, тоа не може да се скрие.
И сега, во предизборната кампања, кога се прават фотосесии за рекламен материјал со политичари, секако дека имаме муштерии од политичката сцена, кои што сакаат да бидат убави на своите фотографии, да не им „стрчи“ некое влакно од веѓа или нос, сакаат веѓите да им бидат убаво бојадисани и да не им се гледаат белите влакна, што е сосема разбирливо. Сепак, и политичарите се јавни личности, треба да бидат средени пред народот“- велат од студиото.
Тие учествувале на голем број на натпревари од интернационален и балкански карактер и освоиле многу награди за својата професионалност.
„Џенгис има златни раце, кај него потстрижувањето не може да трае повеќе од три минути, затоа и го сакаат тие кои што немаат многу слободно време.
Се работи бргу, но квалитетно. Кармен е одлично испраксана за депилација на интима, нозе, раце, а цените се движат од 50 денари за веѓи, па нагоре.
Освен жените, и мажите во последно време се решаваат за комплетна депилација на интима, тоа е доста хигиенска навика, боли, ама потоа си мазен и се чувствуваш освежено и чисто“- вели Драгана.
Оваа недела, специјално за предизборната кампања, тие имале акција во салонот, и ги нуделе своите услуги со попуст. Додаваат дека многу им значи што за нив слушнала цела Македонија и како со помош на конец и ножици станале популарни.
Вики Клинчарова