Џафери – Ван дер Белен: Местото на Северна Македонија во ЕУ е одамна заслужено

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, кој престојува во официјална посета на земјава.

Џафери на средбата со австрискиот претседател се осврна на исклучително добрите билатерални односи, интензивната соработка на парламентарен план и традиционално силна трговија која ја позиционира Австрија како прв инвеститор во земјава.

Тој го запозна високиот гостин со актуелната политичка состојба, особено на евроинтеграциски план, со следните активности во процесот на скрининг и следната фаза на пристапување кон ЕУ, со предизвиците кои стојат пред државата на внатрешен план во однос на процесот на уставни измени, како и на надворешно-политички план, како земја-членка на НАТО и аспирант кон ЕУ.

Ги истакна претседавањето со ОБСЕ и парламентарната димензија на ПСЈИЕ како клучни меѓународни активности на државата, кои ќе придонесат кон јакнење на нејзиното место во надворешната политика како кредибилен партнер и земја чии државни приоритети се регионалната соработка и безбедност, високата солидарност со украинскиот народ, следење на безбедносните политики на ЕУ и придржување кон ЕУ и НАТО политиките во однос на војната во Украина.

Ја поздрави одличната економска соработка меѓу двете држави, како и динамичната соработка меѓу двата парламента, преку групите за соработка, комисиите и други парламентарни проекти. Изрази очекување за натамошна поддршка на пријателска Австрија на мултилатерален и билатерален план.

Ван дер Белен, се заблагодари на можноста за средба и за обраќање пред пратениците и го истакна високото мислење за Република Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ, за кое изрази благодарност што истото се одвива во овие исклучително тешки времиња кога ОБСЕ е без Русија, а војната беснее на европско тло.

Ја повтори натамошната цврста поддршка на Австрија на евроинтеграцискиот пат на земјите од целиот Западен Балкан и подвлече дека Австрија има цврст став за местото на Република Северна Македонија во ЕУ кое е одамна заслужено. Токму поради тоа, Австрија смета и укажува на своите ЕУ партнери дека не смее да се дозволи одредени актуелни безбедносни предизвици да го земаат приоритетот на проширувањето на Република Северна Македонија и другите држави-аспиранти од овој регион.

Поврзани новости