Фергусон и Венгер влегоа во Куќата на славните на Премиерлигата

by Fokus

Легендарните фудбалски тренери, Алекс Фергусон и Арсен Венгер денеска беа примени во Куќата на славните на Премиерлигата. Тие се првите тренери со такво признание.

Сер Алекс Фергусон (81) е најуспешниот тренер во историјата на Премиерлигата предводејќи го Манчестер јунајтед од 1986 до 2013 година. Во тој период на клубот од „Олд Трафорд“ му донесе 13 шампионски титули.

На 810 натпревари Фергусон во Премиерлигата забележа 528 победи.

„Навистина сум пресреќен поради ова признание, кое не е само мое. Зад сето тоа стојат целиот клуб, тогашното клупско раководство, моите помошници во стручниот штаб и, секако, играчите“, изјави Фергусон по признанието.

Францускиот стратег Арсен Венгер (73) беше на клупата на Арсенал цели 22 сезони, од 1996 до 2018 година. Тоа е тренерски рекорд во Премиерлигата.

Венгер на 828 натпревари на клупата на клубот од Лондон има 476 победи. Освои со „топчиите“ три шампионски титули од кои особен ќе остане запаметена титулата во сезоната 2003/04 која клубот ја освои без пораз.

„Им благодарам на сите за ова огромно признание. Би сакал да останам запаметен како тренер и човек кој исклучително многу го сакаше Арсенал, личност која ги почитуваше вредностите на клубот, но, истовремено, и го остави во позицијата од која може да напредува и да биде сè подобар“, рече Венгер по приемот во Куќатa на славните.

Поврзани новости