Џафери-Крстичевиќ: Македонија и Хрватска ќе ја продолжат успешната соработка на сите полиња од заеднички интерес

by fokus

Соработката меѓу Македонија и Хрватска во областа на одбраната е одлична, како на билатерален план, така и во рамките на Јадранската повелба и во мировните операции во кои заеднички настапуваат претставниците на двете држави, оцени претседателот на Собранието Талат Џафери по денешната средба со хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија. На средбата присуствуваше и пратеникот Павле Богоевски во својство на член на Комисијата за одбрана и безбедност.

Џафери, информираат од неговиот Кабинет, на средбата информираше за актуелните случувања на политичката сцена во Република Македонија, ратификацијата на Договорот од Преспа, реформските процеси и претстојното одржување на претседателските избори, нагласувајќи дека во наредниот период приоритет ќе биде економијата.

Министерот Крстичевиќ, во име на Хрватската влада, упати честитки за постигнувањето на договор со Република Грција, чекор кој не беше лесен, но кој претставуваше победа на разумот, дијалогот и разбирањето, и е пример и за регионот и за меѓународната заедница за мирно решавање на билатерални спорови. Тој го поздрави и претстојното потпишување на протоколот за пристапување на Македонија во Северноатлантската воена алијанса и истакна дека ратификацијата на Договорот во Република Хрватска ќе биде приоритет. Министерот Крстичевиќ изрази силна поддршка за Република Македонија во процесот на интегрирањето во Европската унија, со надеж дека земјата ќе добие датум за почеток на преговорите во јуни оваа година. Тој нагласи и дека за време на Хрватското претседателство со ЕУ во 2020 година, фокусот ќе биде ставен на просторот на Југоисточна Европа.

Соговорниците на средбата изразија подготвеност и во иднина да ја продолжат успешната соработка на сите полиња од заеднички интерес, а притоа беше поздравена и работата на Хрватската амбасада во Република Македонија.

Поврзани новости