Од денеска до четврток државно-црковна делегација ќе престојува во Рим и Ватикан по повод одбележување на празникот Св. Кирил и Методиј, а ќе ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Според агендата, тој денеска ќе се сретне со претседателот на Домот на пратениците на италијанската република Лоренцо Фонтана, а во попладневните часови ќе присуствува на концерт на учениците од трета година во МБУЦ, Гоце Златев и Магдалена Дрмач.
Утре, пак, државно – црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, а потоа Џафери ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.
Македонската делегација ќе присуствува и на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети во амбасадата на Светата столица.
Дел од набиената агенда утре е и положување цвеќе пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Посетата на Рим и Ватикан во четврток ќе заврши со средба на Џафери со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза.