Џафери ја прекина собраниската седница, ќе продолжи утре

by fokus

Собранието на Република Македонија не успеа да го усвои дневниот ред на 53. седница бидејќи пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, еден по еден, бараат промени во редоследот на дневниот ред откако владејчкото мнозинство ја изгласа потребата за носење на измените на Изборниот законик, во делот на избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Претседателот на Собранието ја прекина седницата кога веќе немаше кворум за работа и продолжението го закажа за утре во 11:00 часот.

Владата денеска предложи измени на Изборниот законик, по скратена постапка со кои се бара  ДИК да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство и бришење на ставот со којшто се предвидува Комисијата за прашања на изборите и именувањата да го гледа предлог-законот. Измените се предложени со европско знаменце. Власта, како што беше потенцирано, сака да се надмине блокадата на процесот за избор на членови на ДИК од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од опозицијата најнапред побараа 12. точка на дневен ред, односно измените на Изборниот законик да биде тргната од дневниот ред, што не беше прифатено од владејачкото мнозинство, а потоа почнаа со другите барања за промени одолговлекувајќи го на тој начин почетокот на расправата на седницата.

Пратеникот Трајко Велјановски предложи измените на Изборниот зкаоник да бидат тргнати од дневен ред, укажувајќи дека никогаш Изборен законик не бил носен без опозицијата. Пред пратениците тој исто така предложи, како што рече, една од шестте сали за комисии во Собранието да биде со европско знаменце и именувана Артан Груби и секогаш таму да се носат закони со европско знаменце по желба на Владата.

Поврзани новости