Собранискиот спикер Талат Џафери испрати писмо до премиерот Зоран Заев, во врска со имплементацијата на Планот 3 – 6 – 9 согласно надлежностите на Собранието на Репулбика Македонија. Неговото писмо ви го пренесуваме во целост:
„Дозволете ми искрено да ја поздравам транспарентноста, отвореноста, решителноста за реализација на планот 3 – 6 – 9, а со тоа и целосната вклученост на Собранието во реализацијата на процесот за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО, активности кои Собранието во изминатиот период ги реализираше, а времето кое што следи, ќе ја потврди решителноста и безрезервната поддршка на граѓаните за членување во ЕУ и НАТО.
Надзорната функција на Собранието и на работните тела на Собранието мора да биде редовна и рутинска, во најголем обем и транспарентна, во насока на целосната информираност на пратениците од Македонија, бидејќи ние во нивно име и за нив ги носиме одлуките. Безбедносните и разузнавачките служби мора да подлежат на редовна и рутинска контрола од надлежните работни тела на Собранието, а во остварувањето на тоа, основав и ќе раководам со работната група составена од пратеници од сите парламентарни пратенички групи. Се надевам дека по завршувањето на локалните избори ќе имаме насоки и решенија за непречена, редовна и рутинска и надзорна функција на Собранието и на надлежните работни тела. Дозволете ми да напоменам дека на средбите на работната група ќе ги поканувам, а убеден сум дека активно ќе учествуваат и претставници на Владата и на безбедносните и разузнавачките служби.
Деловникот на Собранието исто така ќе се дополни, а со тоа ќе се овозможи работните тела да одржуваат подготвителни седници на кои ќе се канат и ќе учествуваат претставниците на граѓанското општество.
Клубот на пратеници и Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се активни и во следниот период ќе го дадат својот придонес во реализација на Планот 3 – 6 – 9.
Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, Ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии, на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието. Убеден сум дека во изнаоѓањето на решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата.