Пратениците ДУИ ќе гласаат за предлозите на премиерот Никола Груевски нов министер за внатрешни работи да биде Митко Чавков, а нов челник во транспорт и врски Владо Мисајловски, откако Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески синоќа поднесоа оставки од овие позиции, потврди координаторот на пратеничката група на „интегративците“ Талат Џафери.
Тој за Фокус вели дека не се точни информациите оти некој од министрите на албанската владејачка партија ќе си поднесе оставка, како и дека партијата ќе излезе од владата, со што се отвора патот кон формирање на техничка или концентрациона влада и предвремени парламентарни избори.
– Денеска имаме седница на партиското централно претседателство и таму ќе расправаме за актуелната ситуација. Засега, нема ништо конкретно! – истакнува Џафери.