Откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска испрати допис до собранискиот спикер, Талат Џафери, од Собранието доби експресен одговор.
Од таму објаснуваат дека парите што се издвоени за кампања нема да се делат на секој пратеник одделно, туку Собранието ќе закупи медиумски простор пропорционално врз основа на бројот на вкупниот број на пратеници кои ќе се изјаснат „за“ или „против“.
„Водењето на јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво. Затоа претседателот Џафери, во текот на вчерашниот ден, упати известување до пратеничките групи и до пратениците кои не се организирани во пратенички групи, во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „ против“. Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието ќе закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, пишани медиуми и интернет портали“ објаснуваат од Собранието.