Џафери: Ако добиеме усогласен закон за ЈО веднаш ќе биде ставен на собраниска седница

by fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

– Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средба со новинарите, потсетувајќи дека ваков закон веќе има на дневен ред на 108. седница и оти за тој предлог има усогласено триесетина амандмани.

Џафери на редовната месечна средба со новинарите потенцира дека се зависи од волјата на парламентарниот состав.

Засега овој текст е само најава или идеја, посочи тој, упатувајќи дека веќе има еден Предлог – закон за јавно обвинителство во собраниска процедура од минатата година.

– Закон за јавно обвинителство веќе е на дневен ред на 108. седница уште од ланска година. За тој предлог имаше околу 60 амандмани. Дел од тие амандмани беа усогласени уште во таа постапка. Најавите се дека ќе има нов предлог. Собранието не работи по најава, туку по конкретен предлог. Оној момент кога ќе добијам нов предлог ќе бидете навреме информирани, рече Џафери.

Процедурално, појаснува тој, или може да продолжи 108. седница по таа точка или да се оди со нов текст на закон.

– Во редовна постапка не можат да се стигнат процедурите за да се донесе нов текст на закон, но по скратена постапка може. Претпоставка ако е усогласен текстот од сите политички партии тоа значи дека сите се согласни да обезбедат соодветно мнозинство кое што е потребно односно минимум 80 гласа „за“. Во контекст на процедурата тоа може да се спроведе за еден ден затоа што Деловникот дозволува свикување седници и во пократок рок од десет дена и тоа значи дека може да се свика седницата веднаш кога ќе се достави предлогот, рече Џафери.

Протоколот за Ратификацијата на договорот за НАТО со одложено дејство ќе биде усвоен на 11 февруари на свечена седница за што е потребен 61 глас.

На оваа свечена седница се поканети да присуствуваат и претседателите на парламентите на земји членки на Алијансата од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и претставници на Парламентарното собрание на Алијансата и на генералниот секретар на Пактот, Јенс Столтенберг, како и до амбасадорите на земјите членки на НАТО во Скопје. Покани за присуство на седницата се упатени и до актуелниот и поранешните претседатели на државата и на Парламентот, како и до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Во официјална посета на македонскиот Парламент на 10 и 11 февруари ќе биде претседателот на словенечкиот Парламент, кој ќе има и свое обраќање пред пратениците. За чинот на ратификација тој ќе биде поканет во својство на претставник на земја-контакт за нашето членство за НАТО.

Претседателот на Собранието не одговори дали до распуштањето на Парламентот на 12 февруари ќе се донесе Предлог-законот за одбрана, што ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува поради промена на името на Армијата во Армија на Република Северна Македонија. Џафери истакна дека овој закон не е услов за нашето членство во Алијансата, но оти е пожелно да се донесе. Факт е дека опозицијата и власта разговараат, но информациите треба да се бараат од кај нив.

– Прво и основно Законот за одбрана не е предуслов затоа што никој не кажал во НАТО ниту во 2008 година ниту подоцна дека предуслов за нашето членство таму е Законот за одбрана. Условот беше спорот со соседите и кое го надминавме и врз база на што при крај е процедурата за ратификација на Протоколот онака како што е пропишано со правилата за оценување на НАТО, изјави Џафери.

Пожелно е да се донесе Законот за одбрана, смета тој, затоа што од членувањето на НАТО според принципите за одлучување во НАТО надлежностите би требало да се пренесат во Владата заради брзината на одлучување посебно на одлуките што се однесуваат на мисиите на НАТО кои што според принципите факторот време е еден од најбитните фактори за спроведување на една мисија.

– Од тој контекст е пожелно да се донесе, но да не се претвориме сами себе си предуслов кој што не ни го одредува никој, рече претседателот на Парламентот.

Џафери на средбата со новинарите информираше и за новата средба во рамки на Жан Моне процесот, како и дека утре ќе ги прими претставниците на еколошките здруженија кои најавија протест пред Парламентот.

Собранието, имајќи ги предвид најавите за предвремени парламентарни избори на 12 април, се очекува да се самораспушти на 12 февруари, а на 13 Џафери ќе ги распише изборите.

Поврзани новости