Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска на средба со шефицата на дипломатијата на Албанија, Олта Џачка истакна дека биле споделени исти стратешки надворешнополитички приоритети.
„Сојузници во НАТО, со 100% хармонизација на својата надворешна политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Османи.
Тој изрази оптимизам дека 2030 година е реална можност за двете земји заедно да станат полноправни членки на ЕУ.
На прашањето зошто Албанија замижува пред официјална Софија за статусот на македонското население во Албанија, Џачка рече:
„Не знам дали слушнав добро, не знам дали некогаш сме замижале пред официјална Софија, напротив Албанија секогаш била многу гласна дека една земја не може да го блокира влезот на Албанија и на Македонија во ЕУ. Мигот кај што сме денеска е момент на геостратегиска важност а војната во Русија направи ЕУ да се освести и да сфати дека и треба поактивен пристап посебно кон земјите од Балканот. Процесот на проширување е поврзан не само со безбедноста на Балканот туку и со цела ЕУ“, истакна таа.
„Денеска имаме брза лента и имаме можност сите заедно да одиме на таа брза лента и ние треба да бидеме свесни и подготвени кон нашите обврски. А блокадата не им штети само на нашите држави туку и на цела ЕУ“.
Децидна е дека нема никакво замижување кон Бугарија.
„Јас немам информација дека има обид за асимилација на македонското население во Абанија, имаме тесна соработка со надлежните за да видиме колку е голем овој проблем и секоја информација која ќе ја имаме ќе биде навремено изнесена во јавноста“ рече Џачка.
На прашањето што доколку Македонија не успее навреме со уставните измени и дали Албанија ќе оди сама на патот кон ЕУ, таа одговори:
„Сите политички фактори треба да го имаат интересот на државата и на граѓаните, уставните измени треба да се случат и сите треба да покажат свест дека на таков начин ќе се пристапи на патот кон ЕУ. За нас ова е еден миг кој има нова динамика а ЕУ е посвесна за потребите на овој регион и посвесна колку целиот процес е поврзан со европската сигурност“, потенцира таа.