Со девет одличја, меѓу кои и злато во сениорска екипна конкуренција, се врати тимот на „Макпетрол“ од неодамнешниот Балкански шампионат во Белград. Најголем успех остварија натпреварувачите во највозрасната машка категорија кои во полуфиналето го победија домаќинот Србија, а во финалето беа подобри од Црна Гора.
Тимот на скопскиот клуб што го оствари овој голем успех беше составен од репрезентативците Глигор Петков, Петар Спасеновски, Мурсел Мисими, Дуан Османи, Петар Заборски, Александар Кузмановски (селектор), Фаик Весели, Бошко Заборски (тренер) и Вегим Мурати.
Останатите признанија што КК „Макпетрол“ ги освои се уште две златни, една сребрена и пет бронзени медали. Учесници на најсилнотото регионално првенство беа десет држави, а скопскиот клуб замина со сениорскиот состав, како и спортистите над 18 години, кои треба да земат учество на претстојното европско првенство за кадети, јуниори и постари јуниори во Прага, Чешка.
– Најдобар успех на ова првенство постигна Петар Заборски, кој освои медали во две дисциплини, од кои еден златен и еден бронзен. Добар впечаток остави и младиот Витомир Трајковски, кој влезе во финале, а претходно имаше четири победи. Ангела Мојсовска беше стандардна, откако не влезе во финалето, рутински ја совлада својата противничка од Црна Гора во борбата за бронзата. Навистина сме среќни и задоволни од настапот на машкиот тим, кој на првенството покажа голема хомогеност, сплотеност и соработка, особини што досега како да ни недостасуваа. Сега само треба да го негуваме овој тим и да го подготвуваме. Сигурен сум дека следна цел треба да ни биде освојување медал од европско и од светско првенство – изјави тренерот на „Макпетрол“, Бошко Заборски.
Во поединечна конкуренција борби, медали освоија Витомир Трајковски (сребрo, -84 кг.), Петар Заборски (бронзa, -75 кг.), Ангела Мојсовска (бронзa, -68 кг.). Tри спортистки од вкупно четири во дисциплината борби-екипно се членки на КК „Макпетрол“ и освоија бронзени медали. За тимот настапија Симона Заборска, Ангела Мојсовска и Моника Пендаровска (сите од „Макпетрол“), како и Јована Георгиева („Олимпик Скопје“).