Додека пратениците „бистрат“ политика во Собранието на Република Македонија, надвор, во паркот Жена – борец, деца со посебни потреби и нивните родители в четврток ќе распнат шатори, пренесува Мета. Планираат да кампуваат три дена, за на политичарите да им покажат што сè им стои за решавање.
Родителите од здружението „Сплотени срца“ на денешната прес-конференција во Штип рекоа дека сакаат да бидат видливи за политичарите со нивните секојдневни проблеми. Потребата од квалитетна терапија и од испитувања, стручен кадар кој ќе им помогне во грижата за нивните деца, до сместувањето за повозрасната категорија на деца со посебни потреби, се само дел од проблемите кои не се соодветно решени.
Зоран Мијалков, претседател на ова здружение, вели дека не сака да му се даде политичка конотација на протестот бидејќи, според него, нивните проблеми немаат никаква врска со која било политичка партија. Мијалков вели дека ги споила заедничката мака и се повикуваат на совеста на пратениците.
Шаторите ќе бидат поставени задутре, четврток, околу 9 часот, а потоа симболично во пет до дванаесет ќе одржат прес-конференција.
Родителите и децата со посебни потреби ќе кампуваат секој месец од 21. до 23., сè до исполнувањето на барањата.