По утринскиот настан во Неготино, кога четиригодишно дете беше нападнато и искасано од кучиња, со соопштение се јави и СВР Велес.
Според нив, настанот се случил во близина на винарската визба ,,Повардарие’’ околу осум часот, кога детето за кое што се грижела баба му влегло во дворот на соседот Б.Ѓ. каде што било нападнато од едно од двете кучиња, кое што било врзано.
Сопственикот на кучињата го однел детето во Медицинскиот центар во Неготино, од каде што било префрлено на оддлението за хирургија во Кавадарци, а лекарката која што го прегледала, го пријавила случајот во полиција. Детето не било во животна опасност.
Од СВР ни потврдија дека кучињата моментално се наоѓаат во дворот на сопственикот.
,,Се работи за кучиња чувари, и ние не одлучуваме што ќе биде со нив во иднина, дали ќе бидат еутанизирани. Тоа е работа на судот’’ – тврдат тие.
Првично од ЈЗУ Неготино ни кажаа дека не знаат дали кучињата имале сопственик, или пак биле улични.
Од одделението за хирургија информираа дека врз детето била извршена интервенција, добило соодветна терапија и било задржано на одделот.
Вики Клинчарова