Детали за убиството во Мала Речица: Влегол во куќата на нејзиниот брат кршејќи ја бравата и по кавга со сопругата два пати ја застрелал

by fokus
Основното јавно обвинителство Тетово го гони за три кривични дела тетовецот кој вчера смртно ја застрела својата сопруга. Тој е осомничен за убиство, обид во убиство затоа што пукал кон уште едно лице, како и за поседување огнено оружје без дозвола.

„Осомничениот, на 14.10.2018 година, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот својата сопруга. Делото го извршил во куќата на нејзиниот брат во тетовска Мала Речица, каде што влегол насилно, кршејќи ја бравата. По вербална расправија со сега починатата, кон неа испукал два куршуми од пиштол марка “ТТ“ со калибар 7,62мм, што го поседувал без дозвола, погодувајќи ја во пределот на вратот и на градниот кош. Од здобиените повреди, жената починала на лице место.

По настанот, осомничениот го напуштил местото, а само неколку минути подоцна, со умисла се обидел да лиши од живот уште едно лице. Имено, додека оштетениот се наоѓал во неговото патничко моторно возило и го стартувал за да влезе во неговиот двор, од горната страна на улицата наишол осомничениот со автомобил, застанал паралелно со возилото на оштетениот и испукал кон него два куршуми од истиот пиштол.

Оштетениот успеал да ги избегне куршумите, наведнувајќи се над совозачкото седиште, по што осомничениот го напуштил местото.

Осомниченото лице било пронајдено и лишено од слобода вчера попладне во селото Гајре, при што од страна на овластени полициски службеници му е одземен и наведениот пиштол и седум куршуми пиштолска муниција.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово до судија на претходна постапка при Основниот суд Тетово достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, соопштија од Обвинителството.

Поврзани новости