Додворувањето кон ДПМНЕ станува мачно

by Fokus

Инсистирањето на Заев да ги одоброволи пратениците од опозицијата преку изјави кои имплицираат нечесни методи да се дојде до таа цел, не прави неквалификувани за ЕУ и НАТО. Затоа што ние не сакаме во тоа друштво затоа што Меркел не вика или затоа што Столтенберг така сака, туку затоа што од осамостојувањето до денес, граѓаните даваат недвосмислена поддршка на тие процеси поради принципите кои гарантираат подобар живот.

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Определеноста на мнозинството за ЕУ и НАТО како цел, за која правиме голем компромис менувајќи го името, е поддржана со силен мотив на граѓаните да дојдат до цивилизациските придобивки што ги нуди таквата интеграција. Тие се отворање на врата за влез на правдата во Македонија, воспоставувањена правната држава и принципот на казнивост за (не)делата. Натаму, заштита на човековите права, еднаквост и подобар стандард на живеење за сите граѓани, цели до кои треба да дојдеме преку отчетно и одговорно вледеење, односно носење одлуки и вложување на јавните пари.

Заев со изјавата која имплицира амнестија (иако денес рече дека немал намера да влијае врз судството) јасно е дека сака да ги одоброволи пратениците од опозицијата, но истовремено така брише под со принципите кон кои се стремиме и за кои тој наводно се залага. Влегува во макијавелистичка игра дека целта ги оправдува средствата. Без оглед дали неговата цел (а и на мнозинството граѓани), влез во ЕУ и НАТО е од чесни побуди, да се подобри квалитетот на живот за сите.

Но, инсистирањето на Зaев да ги одоброволи пратениците од опозицијата преку изјави кои имплицираат нечесни методи да се дојде до таа цел, не прави неквалификувани за ЕУ и НАТО. Затоа што ние не сакаме во тоа друштво затоа што Меркел не вика или затоа што Столтенберг така сака, туку затоа што од осамостојувањето до денес, граѓаните даваат недвосмислена поддршка на тие процеси токму поради принципите кои гарантираат цивилизациски напредок. Заев е во невозможна мисија да ги премисли пратениците на опозицијата од едноставна причина што на ДПМНЕ не им се ЕУ и НАТО цел и оттука, тие ќе останат деструктивни.

Тие имаат огромна желба и порив да се врати времето на кражби, корупција, клиентелизам и неодговарање за тие дела. И тие нема да гласаат за договорот, затоа што тој ги оддалечува од нивната цел. Се работи за дијаметрално различни интереси. Тоа е јасно. Во таква ситуација се зголемува нужноста од од нови избори, што за ДПМНЕ е посакувана опција затоа што тој лимбо период ќе им остави уште време за преговарање околу нивните цели, амнестија и враќање на власт (надежта последна умира), а за сите останати ќе биде продолжена агонија. Се разбира, поинформираните од таа партија знаат дека избори на кои однапред се знае дека тешко може да дојдат до власт (коалицискиот капацитет им е сведен на минимум, од меѓународната заедница ќе бидат изолирани) е како да имаш пар дами и останати распар карти во покер, а глумиш како да држиш три аса. Но, играат на се или ништо затоа што ако помине договорот од Преспа, таа партија која целата сила ја црпи од деструкција и обид за враќање на штетните политики, ќе биде сосема маргинализирана.

Ризикот од нови избори е повеќестрано голем. Економијата е премногу исцрпена, инвестициите се постојано на стенд бај чекајќи постабилни времиња (влез во НАТО и почнување преговори со ЕУ), а граѓаните се исцрпени од тоа да слугуваат на интересите на политичари, а да не почувствуваат фидбек како начин на поинакво владеење кое треба да доведе до поквалитетен живот. Се зголемува владиното портфолио на скандали со јавните пари, продолжување на насилството на урбаната мафија врз граѓаните и многумина од нив веќе нема ни да излезат да дадат глас на избори. За кого? За интерес на политичарите? За зголемување на нивната моќ и привилегии? Граѓаните се повеќе се чувствуваат како алатка за манипулација, наместо индивидуи кои можат да обезбедат промена. Затоа, наместо да се расфрла со простувања, на премиерот му е попаметно да се сврти кон своите редови, кон своите функционери кои треба да покажат стремеж кон вистински промени во корист на граѓанскиот интерес. Функционери кои нема да се кријат зад законите со оправдување дека не можат нешто да направат, туку кои ќе ги менуваат законите и регулативите во насока на промени кон заедничко добро. Функционери кои имаат визија каде сакаат да стигнат со реформите, а не со лично богатење и просперитет. Граѓаните можат да препознаат разлика. Кога ќе ја видат. Додворувањето кон ДПМНЕ е бесцелно. И станува мачно.

Поврзани новости