Пратеничката на СДСМ Рената Десковска, на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања, го праша премиерот Никола Груевски дали со тоа што досега не бара и предлага оставка на министерот за здравство, Никола Тодоров, покажува дека министерот е само извршител на неговите неодговорни политики во здравството.
– Само со еден потпис на барањето за разрешување на Тодоров може да ги решите проблемите. Уште кокку човечки животи треба да згаснат за да добиеме одговорен министер за здравство? – го праша Десковска премиерот.
Таа посочи дека периодов многу родилки, новороденчиња и повозрасни пациенти починаа во болниците, што, според неа, е проследено со неодговорен и игнорантски однос од здравствените власти.
– Во болницата во Гевгелија има одделение за гинекологија и за педијатрија, а нема специјалист-гинеколог и специјалист-педијатар, што повлекува законска одговорност токму кај министерството – истакна сдсмовската пратеничка.
Груевски, пак, во одговорот рече дека во овој сектор се инвестирало многу во опрема, реконструкција и изградба на нови болници, се имплементирале нови методи на дијагностицирање и интервенции…
– Сите знаат дека кога СДСМ беше на власт немаше ни дел од ова што го имаме како инвестиции, обуки, системски промени. Лесно да се обвини, тешко е да се направи нешто. Нашите реформи дадоа сериозни резултати – истакна премиерот.