И КОГА „НАРОДОТ ОДЛУЧУВА“, КРИМИНАЛЦИТЕ СЕ КРИМИНАЛЦИ

by Фокус 12:38
12:38

Кирил Ефремовски, комуниколог и граѓански активист

Напнатост и неизвесност. Политичката агонија продолжува, а првиот човек на државата продолжува да купува време во обид по секоја цена да си ја спаси кожата и да избега од договореното во Пржино.

- Advertising -

Сѐ поочигледно станува дека меѓународните претставници и дипломати се најзагрижени за тоа каде, во кој правец плови бродот Македонија и која е намерата на главниот кормилар. Граѓаните, пак, полузаинтересирано и од конфорна дистанца немо го набљудуваат сѐ поочигледниот политички крах кон кој нѐ води Груевски.

Вперениот прст кон премиерот Никола Груевски од страна на шесте највлијателни светски политички центри, посочувајќи го главниот виновник за политичката криза, треба да ги разбуди дури и оние најапатичните, незаинтересираните, конформистите од „народот кој одлучува“. Нивната порака недвосмислено ја навестува иднината на оваа земја.

Доколку во следните неколку дена Груевски не вбризга нов адреналин во Договорот од Пржино со конкретни постапки и не ги стави националните интереси пред своите лични и партиски, Македонија ќе го загуби статусот на земја-кандидат за членство во Европската унија.

Груевски и денес изодува два чекори назад, а еден напред во правец кон деблокада на Договорот од Пржино, повторно велејќи дека „народот е оној кој одлучува“. Затоа истиот оној народ што одлучува конечно треба да сфати дека избори се организираат во фер и демократски услови, а гласањето се врши без притисоци, закани и уцени.

Истиот тој народ треба да се разбуди од кошмарот на пропагандната машинерија на Груевски и да разбере оти оној истиот што зборува за купување огромни парцели земјишта по џабарлак, треба да одговори во непристрасна законска процедура како го купил тоа земјиште и од каде им е потеклото на парите.

Народот што ќе одлучува, пред да одлучи, треба да знае точно кој прислушувал противзаконски, кој ги издавал таквите наредби и за какви цели.

Конечно, народот што ќе одлучува, мора да сфати дека доколку ја сака Македонија и нема желба да се исели одовде, мора да разбере дека тој што правел криминал и злоупотребувал овластувања, треба да почне да одговара и да сноси одговорност за таквите дела.

Народот што одлучува, по 10 години одлучување, треба да почне да ги разбира пораките, ама и дека на тој што седи во премиерскиот кабинет му гори под нозе!

Решавањето на политичката криза, меѓу другото, треба да му овозможи на мнозинството од народот кој одлучува да разбере дека „ножот е до коска“, а општествената поделеност и големата нетрпеливост постепено ќе се надминува доколку главните виновници за сите кризи и поделби почнат да се соочуваат со лицето на правата – онаа правда каде што судиите и обвинителните не се именуваат по телефон или во нечии кабинети дури се пушат пури.

Народот што одлучува, мора да сфати дека криминалците се криминалци и злосторници без оглед од која политичка партија доаѓаат. Народот што одлучува треба да се буни, да бара одговорност и одговори сега и овде!

И додека народот што ќе одлучува конечно се свести, нека ја прочита повторно изјавата на амбасадорите драматично дадена пред македонската влада. Тие на „народот што ќе одлучува“ му порачаа дека македонскиот премиер треба да се стави над теснопартиската агенда, да дејствува рационално, брзо и одговорно за на истиот тој народ што ќе одлучува да му овозможи подобро утре и позитивен извештај, а не нови спин-приказни за повторно и повторно дефокусирање од решавањето на најважните и горливи проблеми, чие одолжување прескапо нѐ чинат сите!

Поврзани новости