Дескоска: Загрижувачко е она што го видов во училиштата и во ученичките домови

by fokus

Неколку дена пред почетокот на учебната годината, министерката за образование и наука, Рената Дескоска, информира дека затекнала загрижувачка состојба во училиштата и во ученичките проблеми откако побарала од директорите да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии.

-Она што го видов и што Вие ќе имате можност да го видите е загрижувачко. Врз основа на овие информации кои ги добивме, ќе направиме и директен увид заради утврдување приоритетите за помош на општините кои не успеале да ги решат овие проблеми на училиштата – изјави Дескоска.

Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање и сл. И третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата.

-Со оглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, апелирам градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место. Во 21 век, учениците заслужуваат пристојни услови за учење – порача министерката.

Квалитетот на учебниците Министерството ќе го подобрува преку апликација на која можат да земат учество наставниците и професорите и да укажат на грешки и проблеми во учебниците. Оние учебници во кои се пишува ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември.

Во текот на вчерашниот ден, во согласност со законот, заради вршење на итни и неодложни работи, односно непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта низ Македонија, информираат од Министерството.

Учебна година ќе започне на 4 септември.Оваа година во основните училишта се запишани вкупно 20 437 првачиња. Од нив наставата на македонски јазик ја следат 13 218 ученици, на албански јазик 6419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

Во средните училишта се запишани вкупно 17364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13 349 ученици, на албански јазик, 3765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година. Но конечните бројки ќе бидат познати во средината на септември.

Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.

 

 

Поврзани новости