Ристе од Неготино, добитникот на седумка на НовоЛото: Ми се посреќи, и громот некогаш удира во коприва!

by fokus

Ристе Стефанов од Неготино, познат во градот како Фито, е среќниот добитник од наградната игра НовоЛото 7/34, кој освои 6 милиони денари, односно околу 100.000 евра.

Четирисет и двегодишниот неготинчанец, кој уште од најрана младост играл разни игри на среќа, вели дека сеуште не може да се совземе од преголема радост и возбуда.

Стефанов, кој работи во приватна пекара, а во минатото беше продавач на јајца на градскиот пазар, тврди дека секој кој што е упорен, кога – тогаш ќе ги дочека своите пет минути во животот. Им порачува на сите да играат игри на среќа, и вели дека и громот некогаш знае да удри во коприва, односно среќата може да го изненади секого. Ова е првата седумка некогаш добиена во Неготино од оваа игра на среќа, а Ристе го уплатил добитното ливче само неколку часа пред извлекувањето.

,,Излегов надвор, во чаршија, имав со себе 20 евра. Ги сменив во менувачница, која е во близина на киоскот, ги напишав броевите така, како што во тој момент ми дојдоа на памет. Не се работи за некои значајни датуми или слично, чисто така, на среќа бирав броеви. Со уплата од 160 денари, еве ме, станав добитник на 6 милиони денари’’ – раскажува Ристе за ,,Фокус’’.

Тој додава дека и во минатото му се случувало да добие помали суми на разни наградни игри, но седмицата била нешто, за кое некако имал претчувство дека еден ден ќе биде негова.

,,Седев дома пред компјутер, сопругата беше излезена да пазари во маркет. Ми се јави газдата на пекарата во која што работам и бидејќи знае дека редовно играм игри на среќа, ме праша кај мене да не се паднала седмицата, бидејќи слушнал на телевизија дека среќниот добитник е од Неготино. И се јавив на сопругата, ја прашав дали слушнала кој е добитникот. Не знаеше ниту таа. Кога се врати дома, седнавме, го зедов ливчето, почнав да ги проверувам бројките, како ги гледав, така се повеќе ми растеше андреналинот. Навистина, јас бев среќникот! Сите дома започнавме да се радуваме, но и да се смируваме меѓусебно, бидејќи ниту премногу возбуда не е на добро’’ – вели Ристе.

Денес, телефонот постојано му ѕвонел, блиски луѓе му честитале. Раскажува дека веќе планира со семејството како да ги потроши добиените пари.

,,Имам две деца, синови. Секако дека ќе мислам на нивната иднина, да им купам станови, но и ќе ги почестам блиските луѓе. Сакам да им порачам на сите кои играат игри на среќа, да не се откажуваат, да бидат упорни како мене. Можеби многумина се скептици, не веруваат во вакви среќни случки, и се водат со мотото дека гром во коприва не удира, демек, ако немаш големо богатство, никогаш по пат на игра на среќа нема да добиеш многу пари. Еве, јас сум доказ дека и тоа се случува, дека громот некогаш удира и во коприва, дека тука нема никакви правила и секој еден може стане добитник, ако е упорен. Значи, околу 18 часот уплатив, а само по околу два часа станав милионер’’ – изјави Стефанов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости