СДСМ Неготино: Џабе пари за печатење на отчет, кога аир не видовме од вас!

by Fokus
 СДСМ Неготино реагираат по повод отчетот на градоначалникот Ванчо Апостолов. Сметаат дека печатењето на отчет кој е испишан на околу четириесеттина страници е само уште еден дополнителен трошок, за напразно потрошена хартија, бидејќи во градот во изминативе четири години не се остварил ниту еден капитален проект, а она што е посебно важно за граѓаните е дека и по сите ветувања, тие сеуште живеат во срцето на Европа без вода за пиење.
Портпаролот на партијата, Диме Витанов вели дека и без издавањето на отчетот, неготинчани се свесни што и колку е изработено и постигнато во нивниот град, и нема потреба од фалби, затоа што Апостолов бил најкатастрофалниот градоначалник во историјата на Неготино од кого граѓаните не виделе аир.
 
 ,,Отчетот на градоначалникот во заминување Ванчо Апостолов беше само очаен празен настап на човек што одамна ја загубил довербата на граѓаните. Иако решавањето на проблемот со водоснабдување беше едно од најголемите предизборни ветувања, до денес тој проблем и по изминати повеќе од 4 години мандат нема решение. Овој градоначалник ја задолжи Општина Неготино со кредит од 1 милион евра и не го реши проблемот со водоснабдувањето. Во текот на неговиот мандат често излегуваше на телевизија и повторуваше дека рестрикциите на водата за пиење во Неготино се минато. Секој граѓанин на Неготино знае дека рестрикциите се сеуште секојдневие’’ – појаснува Витанов.
 
,,Понатаму, Апостолов се пофали со 161 остварен проект меѓу кои ги стави и манифестациите како недела на виното, ден без автомобили, ден на дрвото, дочек на Нова година и слично. Ако сите овие настани се проекти со кои градоначалникот после 4 годишен мандат излегува на прес конференција и се фали, тогаш е јасно дека зад него нема реализирано ниту еден капитален проект со кој би се олеснил животот на граѓаните.
 
 Апостолов зборува за индустриски зони во Општина Неготино, а единствено што направи во неговиот мандат е да успее да продаде големи површини – сопственост на Општина Неготино, по многу ниска цена. Една од индустрииските зони кои што тој ги споменува, во која има повеќе парцели, е продадена на еден ист стопанственик. Индустриската зона е неколку години продадена, парите од продажбата ги потроши, а граѓаните на Неготино не видоа никаква придобивка од продажбата, бидејќи тоа се обични празни ливади’’ – обвинуваат од владеачката партија.
 
 ,,Зборувајќи за стапката на невработеност, Апостолов не спомена дека во неговиот 4 годишен мандат енормно се зголемми стапката на иселување на младите од Неготино. Градоначалникот во заминување зборуваше за асфалтирање на улици и изградба на нови улици, а инфраструктурата низ градот никогаш не била полоша. Речиси и да нема реченица што беше точна во таканаречениот отчет на Апостолов.
 
Не постои ниту едно прашање што градоначалникот во заминување го има решено. Речиси и да нема сегмент во кој Апостолов направил нешто корисно за граѓаните и Општината. Улиците низ Неготино се раскопани и полни со смет, индустриските зони се празни ливади, а спортските објекти се во катастрофална состојба. Со ваквото управување со Општината, Апостолов е најкатастрофалниот градоначалник во историјата на Неготино’’ – реагираат од СДСМ Неготино.
Вики Клинчарова
 

Поврзани новости