Десетици жители на главниот град попладнево побарале помош во скопските болници, по серијата земјотреси што денеска го стресоа Скопје.
Најчесто луѓето се повредиле при бегање од своите домови, а неколкумина се здобиле со скршеници. Во болницата „Наум Охридски“ се задржани на лекување тројца пациенти, меѓу кои и една жена која паднала од тераса од први кат, при што се здобила со скршеници на нозете.
Десетина лица попладнево побарале помош и во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Илјадници граѓани на Скопје и околината исплашени и вознемирени ги напуштија своите домови, откако главниот град и неговата околината беше погоден од трет земјотрес во временски период од околу осум часа. Последниот потрес беше најсилен со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала.