Првиот човек на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, денеска во интервјуто за Утрински брифинг изјави дека ако има обид да му се наметне одлука за организирање брзи избори, тој нема да прифати да ги спроведе, бидејќи според него ќе бидат незаконски. Според Дерковски, на ДИК и требаат меѓу 45 и 50 дена да ги подготват изборите.
-Ги слушам политичарите и тие веројатно не ја познаваат технологијата на изработка на избирачкиот список и ги даваат изјавите. Кога и да се изборите, ќе го добиеме во иста форма избирачкиот список како и секогаш, сиров, а потоа треба да се комплетира. Јас ги разбирам политичарите и нивните побуди и мотиви, но ова мора да биде законски. Избирачки список кој не би ја поминал целата процедура, да биде утврден и потврден од избирачите, јас нема да потпишам, рече Дерковски.