Претседателот на ДИК Оливер Дерковски денеска изјави дека нема фантоми на Избирачкиот список, кој според него е динамична категорија и никогаш нема да биде идеално чист, затоа што во списокот се наоѓаат лица кои на дневна основа се менуваат.
-Ве уверувам дека нема фантоми на Избирачкиот список.Тоа беше терминологија што се користеше во изминатите години, веројатно од други причини. Нема такви лица во ИС, има ситуации, вели Дерковски.
Тој посочи на повеќе примери и тоа на една иста улица, на еден број кога има повеќе куќи, а тоа се најчесто населби каде што има дивоградби што се уште немаат регулиран статус на легален објект.
– Во тој случај, за да им излезат во пресрет или да им овозможат да се стекнат со одредени лични документи и да остварат некое свое право како граѓани во МВР под иста адреса заведуваат стотина лица. И затоа вие кога ќе побарате на нашата веб страна на одредена адреса ви излегуваат 100 и повеќе лица, вели Дерковски.
Додаде дека има промена на презимиња поради брачен статус, и менување на нови улици итн.
Состојбата во Избирачкиот список, вели тој, се врзува со бројот на државјанства. Република Македонија, како што кажа, има издадено околу 2.460.000 државјанства и кога ќе се извади бројот на малолетните лица,тогаш се добива фактичката бројка во Избирачкиот список, рече Дерковски.
Претседателот на ДИК информираше и за денешната средба што членовите ја имале со премиерот Зоран Заев на која било констатирано дека треба да се развива соработката меѓу Владата и ДИК во правец на овозможување услови за техничко опремување и друго што и е потребно со цел правилно организирање на референдумот.
– Наидовме на разбирање од Владата и дека ќе ни се овозможат сите потребни услови, рече претседателот на ДИК.
Тој ги информираше новинарите дека имале средби со претставници на ЗЕЛС, Министерството за труд и социјална политика, кое информирало дека во моментов во земјава има само седум привремено раселени лица, како и дека во соработка со МВР се работи на решавање на проблемот со личните карти за 300 затвореници. Вчера за лична карта биле сликани 150 затвореници и кога ќе ги добијат своите документи тие ќе бидат ставени во Избирачкиот список.
Дерковски исто така кажа дека членовите на Комисијата немале средба со претставници на Собранието освен првичниот контакт по нивниот избор.
– Не сакаме да се мешаме во надлежностите и одлуките на Собранието, рече Дерковски.
До денеска до пладне 2.658 граѓани ги провериле своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), додека преку веб страната на Комисијата односно електронски тоа го направиле 11.481 граѓанин.