Претседателот на партијата „Достоинство“ – генерал Стојанче Ангелов за денеска во 12 часот официјално најави ненасилен граѓански упад во Македонската радиотелевизија со намера да ја притиснат да почне да ги емитува политичките бомби на опозицијата и да се заложи за објективно информирање на граѓаните, затоа што тие ја финансираат преку радиодифузната такса.
„Спремен сум да одам до крај, не верувам дека ќе посегнат по животи. Ние нема да се судриме со полицијата, едноставно ќе си влеземе дома, во нашата телевизија. Ве повикувам да се избориме за слобода, за демократија, Македонија да биде посреќна земја, порача Ангелов во својот говор пред МРТВ и пред Обвинителството каде одржува ненасилни собири речиси секоја вечер во последниве две недели“- рече Ангелов од вчерашниот протест.
Ангелов пред неколку дена имаше средба со уредникот на информативната програмата на МРТВ, Горан Петрески кој рекол дека јавниот сервис нема да ги објавува бомбите сè додека Обвинителство не ја тргне забраната за емитување на вакви содржини.
Соопштението на кое се повикува уредникот на МРТВ, Горан Петревски како причина поради која не ги објавува „бомбите“ на опозицијата е од трети февруари и гласи:
„Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција упати Барање до МВР на РМ да стапи во контакт со мрежата на која што беше објавен материјалот за негово отстранување како и отстранување на сите слични материјали кои би се појавиле во иднина.“
Но ова никако не може да се однесува на аудио снимките на СДСМ и затоа се проценува дека Петревски искористил неадекватно соопштение само за да се оправда пред Ангелов. Тој пак, неколку дена протестира и пред Јавното обвинителство за да добие одговор дали навистина имаат донесено некаква одлука и врз кој закон обвинителството може да забрани емитување на материјалите од прислушуваните разговори. Сепак и покрај упорното настојување во обвинителството не го прими никој, но затоа Ангелов пренесува дека имал анонимен телефонски повик од обвинител кој му потврдил дека нема таква одлука сокоја на телевизиите им се забранува емитување на аудио снимките на СДСМ:
За разлика од јавниот сервис, дел до телевизиите и речиси сите интернет портали во земјава континуирано ги објавуваат прислушуваните разговори кои ги обелоденува лидерот на СДСМ Зоран Заев, а МРТ долго време е критикувана од меѓународните организации, Европската комисија, како и од домашните невладини организации и новинарски здруженија дека не ја исполнува својата законска обврска да обезбеди фер и балансирано известување за сите политички и граѓански субјетки во Македонија, односно дека уредувачката политика е пристрасна кон владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Токму затоа, граѓаните денеска на пладне ќе се обидат да ја освојат телевизијата и да ги натераат уредниците во име на јавниот интерес да почнат да ги објавуваат материјалите, односно да и укажат на МТВ дека не смее да се однесува како приватна телевизија.