Извештајот ќе претставува отчет до Собранието и Советот на јавните обвинители и во него ќе стане збор за досегашните активности како и постигнатиот напредокот во започнатите истраги.
Текстот од извештајот ќе биде испратен до сите медиуми, но, очигледно, нема да бидат објавени детали од истрагите кои што се од доверлив карактер .
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева стапи на функцијатата 15-ти септември мината година согласно Договорот од Пржино, а нејзината институција досега презеде надлежност за вкупно 34 предмети. Обвинителката Јанева во повеќе наврати ја информираше јавноста дека СЈО при својата работа е жртва на силни опструкции од другите државни институции.
Досега јавноста имаше можност да дознае дека е отворена истрага за случајот Титаник, во кој под истрага се поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, секретарот на Владата Кирил Божиновски, како и други лица од врвот на владејчката партија кои се осомничени за злосторничко здружување со цел манипулирање на изборниот процес.
Иако СЈО побара притвор за овие лица, како и за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и членот на општинска изборна комисија во Чаир Исмет Гури, тоа барање Кривичниот суд го одби. Од Специјалното обвинителство најавија жалби.
Некои од соработниците на Јанева во меѓувреме добија и кривични пријави според кои обвинителите малтретирале лица при вршење на нивната служба.
Од СЈО ги отфрлија таквите обвинувањата како неосновани, а Катица Јанева најави граѓански постапки за клевета и навреда за дел од медиумите, како и кривични постапки за лажно пријавување на кривично дело.
СЈО започна со барање за тим од 14 обвинители, при што Советот на обвинители одобри 12, од кои во меѓувреме две обвинителки беа отстранети по барање на Јанева. Во јавноста имаше шпекуалции дека нивното отстранување било поради издавање на доверливи информации.