Објавен извештајот за работата на СЈО

by Фокус 11:30
11:30

Во продолжение можете да го прочитате целиот извештај:

Согласно член 7 став 2 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Службен весник на Република Македонија бр. 159/15) на 15.03.2016 година го поднесувам следниот:

- Advertising -

И З В Е Ш Т А Ј

за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (за периодот од 15.09.2015 до 15.03.2016)

I. КОНСТИТУИРАЊЕ НА ОВА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

По носење на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Службен весник на Република Македонија бр. 159/15), од страна на Советот на јавни обвинители, јас сум избрана за Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошниот текст – Специјален јавен обвинител).

Формално правно, ова Јавно обвинителство е формирано со мојот избор за Специјален јавен обвинител од страна на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на 15.09.2015 година, а во материјално – правна смисла со изборот на 12 обвинители од страна на истиот орган на 14-ти октомври и на 4-ти ноември 2015 година. Со донесување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и мојот избор за Специјален јавен обвинител, ова Јавно обвинителство стана составен дел на јавнообвинителскиот систем на Република Македонија.

Изборот на обвинителскиот тим беше извршен по доставувањето на Општиот работен план, Персонален план и Финансов план од моја страна. Плановите беа доставени на 9-ти октомври 2015 година до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија заради нивно имплементирање, односно заради создавање на неопходни материјални и кадровски услови за непречено и ефикасно функционирање на ова Јавно обвинителство.

II. АДМИНИСТРАТИВНИ И ОПЕРАТИВНИ АКТИВНОСТИ

1. Просторни и технички услови

Согласно член 13 став 5 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Министерот за правда отстапи две канцеларии во Министерството за привремено сместување, а воедно се пристапи и кон обезбедување на соодветен простор каде ќе биде трајно сместено ова Јавно обвинителство. Објектот во кој трајно ќе биде сместено ова Јавно обвинителство физички не е во склоп на објектите на Јавното обвинителство на Република Македонија, а со цел да се обезбеди целосна независност на ова Јавно обвинителство. Воедно Министерството за правда согласно член 13 став 5 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел реализација на задачите утврдени со Закон, на ова Јавно обвинителство му даде на трајно користење компјутерска опрема и лица кои треба да и помагаат на Специјалната јавната обвинителка во работата.

По комплетирањето на обвинителскиот тим, а поради специфичноста на работата на ова Јавно обвинителство се утврди дека е потребна доадаптација на објектот кој што беше доделен од Министерството за правда, а кој се наоѓа на ул. Франклин Рузвелт бр.34 во Скопје. Поради тоа на 25.11.2015 година беа закупени простории на ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр.28/2-3 во Скопје и ова Јавно обвинителство привремено се смести во истите. Во тек се активности за адаптација на доделениот објект од Министерството за правда кој се наоѓа на ул. Франклин Рузвелт бр.34 во Скопје. Тие активности се вршат согласно позитивните прописи со кои е регулирана постапката за јавни набавки. Ангажирањето околу адаптацијата е максимално согласно можностите и истата мора да се заврши во најкраток можен рок, имајќи го предвид временскиот период за кој е основано ова Јавно обвинителство и законските рокови за донесување на одлуки.

2. Човечки ресурси

По мојот избор за Специјален јавен обвинител, Советот за јавни обвинители на 14-ти октомври и на 4-ти ноември 2015 година избра 12 обвинители за мои помошници.

Почнувајќи од 28.10.2015 година, по наредби на ова Јавно обвинителство издадени согласно одредбите од Законот за кривичната постапка (во натамошниот текст ЗКП), од Министерството за внатрешни работи доделени ми се на работа 11 полициски службеници кои ќе работат како истражители, а од Управата за финансиска полиција 4 полициски службеници.

Од 01.01.2016 година со договор за дело се ангажирани три лица кои беа неопходно потребни за функционирање на ова Јавно обвинителство. Изминатиот период, а по донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба (Службен весник на Република Македонија бр.231/15) и Одлуката за прераспределба на средства на буџетските корисници со која беше одобрен буџетот на ова Јавно обвинителство за 2016 година и по добивањето на неопходната согласност за вработување на лица во ова Јавно обвинителство, се завршени постапки за вработување преку преземање на јавнообвинителски и судски службеници како и лица вработени во органи на државна управа за вкупно шест лица. Воедно распишани беа јавни огласи за вработување на лица, но постапката за вработување по објавените јавни огласи сеуште не е завршена.

Во изминатиот период користени се услуги од експерти и стручни лица за потребите на ова Јавно обвинителство. Правните експерти кои се истакнати правници од правната наука и од практиката од областите на уставното право, кривичното процесно право и други области, дадоа свој придонес во работата на ова Јавно обвинителство. Оваа практика на ангажирање на експерти и стручни лица ќе продолжи и во иднина.

3. Состојба со реализација на општиот работен план, персоналниот план и финансискиот план

Заради навремено, ефикасно и ажурно постапување, а согласно член 13 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, изготвив и донесов општ работен план, со кој начелно е предвидена динамиката во спроведувањето на законските надлежности, работните задачи и обврски на ова Јавно обвинителство.

Општиот работен план беше заснован на информациите објавени во јавноста за обемноста и сложеноста на материјалите кои потекнуваат од незаконското следење на сите комуникации, како и врз основа на дотогаш расположливите информации по однос на оформените предмети во јавните обвинителства во Република Македонија кои се поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Динамиката предвидена со Општиот работен план не е реализирана според планираните рокови поради фактот што не беа обезбедени сите услови за навремен почеток на работата на ова Јавно обвинителство и поради ненавременото комплетирање на обвинителскиот тим. И покрај ваквата состојба успеав да реализирам дел од предвидените работи од овој план.

Имено, во рок од 8 дена од започнувањето со работа на ова Јавно обвинителство испратив барање до Јавното обвинителство на Република Македонија за доставување на статистички информации за оформени предмети за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои се однесуваат на законски предвидениот период. По добивање на статистичките податоци определив динамика на упатување на барања за преземање на предмети за воспоставување на надлежност и пристапив кон натамошна реализација на општиот работен план. По приемот на предметите од јавните обвинителства донесов и одлуки по однос на стварната надлежност. За предметното работење повеќе податоци ќе следат во натамошниот текст од извештајот.

Заради истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите оформувам и предмети по сопствена иницијатива, што е исклучително сложен процес.

По оформувањето на предметите кои спаѓаат во надлежност на ова Јавно обвинителство и нивно заведување, одлучувам за начинот на постапување и внатрешната распределба на предметите на јавните обвинители кои ми помагаат. Во зависност од сложеноста на предметите во работа, формирам тимови од јавни обвинители и истражители, а воедно одлучувам за потребата од спојување на два или повеќе тима во еден тим. Воедно во зависност од меѓусебната поврзаност на предметите и потребата од поодделно разгледување на различни сегменти на еден предмет, одлучувам и за спојување на предметите и нивно разделување.

Наведената организациска поставеност во ова Јавно обвинителство е концептирана со единствена цел – имајќи ја предвид посебно автономијата што ми е дадена со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, самостојно да ги истражам кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и согласно домашните и меѓународните правни стандарди да донесам соодветни одлуки, секако користејќи стручна и научна логистика.

Во изминатиот период, за остварување на целите заради кои е формирано ова Јавно обвинителство, користени се и меѓународната правна помош и соработка по прашања кои се во доменот на нашата надлежност, согласно со закон и ратификуваните меѓународни договори, која се повеќе се интензивира.

Персоналниот план на ова Јавно обвинителство ги определува и ја дефинира организациската поставеност на ова Јавно обвинителство, човечките ресурси кои се неопходни за функционирање, како и начинот на кој неопходните човечки ресурси ќе бидат обезбедени и остварени. Со истиот план утврдена е внатрешната организациска поставеност на ова Јавно обвинителство која обезбедува законито, стручно, ефикасно и ефективно вршење на работите и задачите, како и независност и одговорност при вршењето на работите и задачите, имајќи ги предвид член 6 и член 10 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во мојата јавнообвинителска работа ми помагаат 10 јавни обвинители со кои раководам, а овој број на јавни обвинители моментално е доволен со оглед на обемот на работата на ова Јавно обвинителство.

Во работата на ова Јавно обвинителство помагаат и истражителите, кои се лица – припадници на правосудната полиција и за кои имам донесено наредби за доделување на работа на службеници – припадници на правосудната полиција. Согласно одредбите од Законот за кривична постапка (член 48 и член 50) истражителите исклучиво се на располагање на ова Јавно обвинителство, а работат под моја контрола и надзор, ги почитуваат и извршуваат наредбите и работат согласно насоките и упатствата.

На 29.01.2016 година донесов Правилник за внатрешна организација и систематизација на работните места во ова Јавно обвинителство со кој е утврдена внатрешната организација, работните места и нивната класификација по категории и нивоа, називот на работните места, посебните услови за засновање на работен однос, видот на работите и работните задачите и бројот на извршители во јавнообвинителската служба на ова Јавно обвинителство.

Финансиски план на ова Јавно обвинителство го уредува финансирањето за работата на ова Јавно обвинителство. Финансирањето на работата на Јавното обвинителство, согласно член 15 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се состои од средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавнообвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислење од експерти, средства за професионално унапредување на јавните обвинители и вработените во јавнообвинителската стручна служба, добивање на капитални инвестиции и средства за одржување на просториите и опремата во Јавното обвинителство.

Средствата за работа на ова Јавно обвинителство за 2015 година се обезбедени со Одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите бр.08-5067/1 од 02.11.2015 година на Собранието на Република Македонија (Службен Весник на Република Македонија бр.190/15) во вкупен износ од 63.420.428,00 денари.

Според податоците содржани во завршната сметка за 2015 година, од одобрените средства до крај на 2015 година се потрошени 13.542.671,00 денари или 21,4% од одобрените средства и тоа:
за плати на вработените (13 јавни обвинители) се потрошени 1.682.047,00 денари, од кои 1.118.440,00 денари за нето плати и 563.607,00 денари за придонеси и персонален данок.
за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт 439.105,00 денари
за материјали и ситен инвентар 1.356.163,00 денари
поправки и тековно одржување 55.144,00 денари
за договорни услуги потрошени се вкупно 4.835.933,00 денари
други тековни расходи 190.279,00 денари
купување на опрема и машини 600.000,00 денари
за адаптација на зградата во која треба да се смести ова Јавното обвинителство 4.384.000,00 денари

Средствата од финансискиот план за 2015 година кои не се потрошени во износ од 49.877.757,00 денари, на 31.12.2015 година се повлечени во Буџетот на РМ.
Сметам дека е потребно да укажам на неколку причини поради кои финансискиот план за 2015 година не е реализиран. Имено, обвинителството фактички започна да работи во почетокот на месец ноември 2015 година кога беше комплетиран тимот од јавни обвинители – мои помошници, а до крајот на 2015 година не се реализира ниту едно вработување на јавнообвинителски службеници и лица кои вршат помошни и технички работи поради непостоење на соодветна законска регулатива. Поради тоа, средствата потрошени за плати на јавните обвинители се во помал износ од планираните, а средствата за плати на вработените воопшто не се потрошени. Воедно пробивањето на роковите околу комплетирањето на ова Јавно обвинителство, меѓу кои и доцнењето на согласностите од Советот за јавни набавки, влијаеја планираните средства за експертизи, вештачења, договорни услуги, јавни набавки и слично да не бидат искористени во целост.

Во делот на вработувањата уште еднаш истакнувам дека дури со донесувањето Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба („Службен Весник на Република Македонија“ бр.231/15), се создадени законски можности за вработување на јавнообвинителски службеници и лица кои вршат помошни и технички работи, па по добивањето на согласности за вработување од страна на Министерството за финансии, се пристапи кон вработување со преземање и објавување на јавен оглас, но најголемиот дел од вработувањата не се реализирани и постапките се во тек.

Постапувајќи по законски пропишаните обврски на 26.02.2016 година ова Јавно обвинителство до Централниот регистар на Република Македонија и до Државниот завод за ревизија ја достави завршната сметка за 2015 година. Во рамки на законски утврдениот рок ова Јавно обвинителство достави годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи.

Финансискиот годишен план за 2016 година на Јавното обвинителство е изготвен согласно член 16 став 2 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и се предвидени средства во вкупен износ од 253.682.112,00 денари. Финансискиот план е ставен во функција на 29.01.2016 година, по донесувањето на Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите бр.08-606/1 од 27.01.2016 година (Службен Весник на Република Македонија бр.14/16).

До моментот на изготвувањето на овој извештај, од одобрените средства за 2016 година потрошени се 8.282.240,00 денари. Појаснувам дека во извештајот не се содржани податоци за трошењето на финансиските средства во 2016 година по ставки и намени, бидејќи фактички финансискиот план се реализира од почетокот на месец февруари 2016 година, па најголемиот дел од плаќањата сеуште не се реализирани.

III. ПРЕДМЕТНО ПОСТАПУВАЊЕ

Како што и претходно споменав, по добиените статистички податоци од Јавното обвинителство на Република Македонија за бројот на оформени предмети за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои се однесуваат на законски предвидениот период и утврдената динамика на работењето, до јавните обвинителства во Република Македонија испратив барање за доставување на пет предмети. Сепак и покрај ваквото мое барање од страна на обвинителствата ми беа доставени сите предмети кои беа оформени за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а кои беа наведени во статистичкиот преглед. Иако ваквиот начин на постапување ја наруши динамиката на спроведување на општиот работен план, сепак почнувајќи од 04.12.2015 година, во законскиот рок од 8 дена од приемот на предметите донесов одлуки за надлежноста. Притоа донесени се вкупно 33 решенија, од кои 31 решение за воспоставување на стварна надлежност и две решенија со кои не е воспоставена стварна надлежност бидејќи оценив дека овие предмети ниту се поврзани, ниту произлегуваат од неовластеното прислушкување.

Во извештајниот период од основањето на ова Јавно обвинителство па до 15.03.2016 година во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица. Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна: 10 лица за кривично дело “Повреда на избирачкото право” од член 159 од КЗ1, 37 лица за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ, 12 лица за кривично дело “Повреда на слободата на определување на избирачите” од член 160 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето” од член 163 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од член 165 –а од КЗ, 1 лице за кривично дело “Злоупотреба на лични податоци “ од член 149 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Присилба” од член 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање” од член 151 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Шпионажа” од член 316 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од член 311 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Повреда на рамноправноста на граѓаните” од член 137 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Изборна измама” од член 165 од КЗ и 1 лице за кривично дело “Уништување на изборен материјал” од член 164 од КЗ. Покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“ од член 394 од КЗ.

Во уписникот НСК-РО за извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Во извештајниот период имајќи го предвид целокупното постапување составени се вкупно 221 записници за испитани лица, поднесени се вкупно 140 барања за собирање потребни податоци, известувања и докази по член 287 од ЗКП, издадени се вкупно 29 наредби по член 284 од ЗКП, поднесени се и 34 барања по разни други основи до физички и до правни лица, донесени се вкупно 5 наредби за вештачење и упатени се писмени известувања во 19 предмети до повеќе физички и правни лица, поднесено е едно барање за издавање наредба за претрес и одземање на предмети, поднесени се два предлога за привремено одземање на предмети, во 3 предмети издадени се наредби за спроведување на истражна постапка против вкупно 25 лица, дадени се 9 предлози за определување на мерка притвор, издадена е една наредба за посебна истражна мерка од ЗКП и поднесени се вкупно 10 жалби на решенија.

На 30.12.2015 година од страна на политичката партија СДСМ до ова Јавно обвинителство доставени се еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма кои што по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид на материјали. На 11.01.2016 година донесов Одлука за формирање на комисија составена од јавни обвинители во ова Јавно обвинителство за попис на примените материјали. Со одлуката го определив начинот за евидентирање на материјалите, како и рокот за завршување на пописот кој беше заклучно до 29.01.2016 година. Но, сепак, имајќи го предвид огромниот број и обем на доставени материјали и тековните обврски на јавните обвинители, откако бев информирана за истото од страна на пописната комисија, донесов нова одлука со која првично утврдениот рок го продолжив до 11.03.2016 година. По завршувањето со пописот од страна на Комисијата е констатирана следната состојба:

На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) се аудио фајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).

Во печатена форма доставени се вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници, на кои се содржани вкупно 119.088 (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1828.

Од страна на комисијата за констатираната состојба беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали, кој записник е составен на 619 страни.

По завршување на процесот на евидентирање на материјалите, формирав Комисија за преслушување на материјалите. Воедно воспоставени се интерни постапки за евидентирање на процесот на преслушување на материјалите, како и постапки за издвојување на разговорите кои се исклучиво од приватна природа, а во насока на почитување на приватноста на лицата кои се опфатени со таквите разговори. Оваа комисија својата работа ја започна на крајот на извештајниот период и статистички податоци за обемот на преслушаните материјали ќе биде доставен во наредниот шестмесечен извештај.

Со цел натамошно исполнување на моите законски обврски, до јавните обвинителства и судовите испратив барања за доставување на предмети со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Би укажала дека ваквите предмети не се предадени на ова Јавно обвинителство, за што следи подетално објаснување во натамошниот текст на извештајот. Ова е особено значајно и од аспект на целосна реализација на општиот работен план и персоналниот план, бидејќи при процената за предметите кои е потребно да се преземат се земаат предвид и бројот на обвинителите кои ми помагаат, како и бројот на вработени лица.

Истражните постапки и предистражните постапки се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма.

IV. СОРАБОТКАТА НА ОВА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО СО ДРУГИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ И МЕЃУНАРОДНИ ИНСТИТУЦИИ

Во остварувањето на својата надлежност ова Јавно обвинителство објективно е упатено на соработка со голем број правосудни органи, како и со други органи и институции. На важноста и неопходноста од воспоставување соработка упатува и одредбата од членот 9 став 9 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно која сите тела – државни органи и институции надлежни за спроведување на закони треба да обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка.

Сепак и покрај ваквата законска обврска, во текот на извештајниот период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени потешкотии од аспект на меѓу-институционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената пракса.

Имено, со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Појаснувам дека согласно членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, единствено јас имам законски овластувања да се произнесам за стварната надлежност врз предметите, а обврска на јавните обвинителства е бараните предмети да ми ги достават. Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како Специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова Јавно обвинителство.

Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1 Скопје, не ги достави доказите на ова Јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова Јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети.

Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалниот јавниот обвинител.

Сепак и покрај ваквите состојби сакам да укажам дека во извештајниот период дел од институциите покажаа континуирана кооперативност и поддршката во работата на ова Јавно обвинителство, постапувајќи согласно законските обврски.

Во извештајниот период реализирана е соработка со меѓународни институции, остварени се средби со високи претставници на меѓународните фактори и безрезервно од сите е дадена поддршка на работата на ова Јавно обвинителство. Воедно и Резолуцијата на Европскиот парламент ја опфаќа работата на ова Јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во работата на ова Јавно обвинителство.

V. ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ

Во насока на реализација на моите законски обврски е и редовното информирање на јавноста за напредокот на мојата работа, врамнотежувајќи ги етичките и процедуралните обврски одредени со закон и јавниот интерес да се биде информиран за текот на истрагата и гонењето. Комуникација со јавноста се одвиваше преку сите медиуми кои ми беа достапни и тоа како преку е-маил адресата на ова Јавно обвинителство, така и преку електронските, печатени, телевизиски и социјални медиуми.

Во извештајниот период објавени се 17 соопштенија за јавност, одржани се две прес конференции, дадени се 4 изјави, реализирани се две интервјуа и одговорени се повеќе од 200 новинарски прашања. Воспоставена е мрежа на контакти со сите претставници на медиумите и сите медиуми се известуваат за активностите и работата на ова Јавно обвинителство. Во извештајниот период завршен е и процесот на брендирање на ова Јавно обвинителство, при што изготвени се лого и интернет страна на ова Јавно обвинителство – www.jonsk.mk.

VI. ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА

Јас како Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и мојот тим напорно и посветено работиме во насока на реализација на задачата заради која што е основано ова Јавно обвинителство, соочувајќи се со сите предизвици кои стојат пред нас.

Доколку се анализира целиот извештаен период и активностите на ова Јавно обвинителство, може да се заклучи дека ова Јавно обвинителство фактички функционира нешто повеќе од три месеци. Сепак и покрај ваквата состојба, во извештајниот период во целост се испочитувани законските обврски на ова Јавно обвинителство и тоа како од аспект на професионално и транспарентно работење, така и од аспект на соодветно постапување со материјалите од незаконското следење на комуникациите и предметите кои се оформени пред јавните обвинителства и судовите во Република Македонија, а се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Од аспект на реализација на општиот работен план, сакам да укажам дека согласно Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите јас сум одговорна за навремено и квалитетно вршење на работите, па така во насока на исполнување на моите законски обврски потребно е Советот на јавни обвинители до ова Јавно обвинителство да ги достави предметите кои се побарани од моја страна, како би можела да се произнесам за надлежноста, имајќи ги предвид прислушкуваните материјали кои ги има ова Јавно обвинителство. Сепак доколку продолжи праксата на недоставување на предмети на мое барање, јас ќе бидам приморана да воспоставам надлежност врз предметите врз основа на прислушкуваните материјали и да се легитимирам во постапките по таквите предмети, а се со цел исполнување на моите законски обврски. Што се однесува до персоналниот план на ова Јавно обвинителство, за совладување на моменталниот обем на работа доволни се десет јавни обвинители, при што во предвид се земени и постапките за вработувања на стручен и административен кадар кои се во тек. Воедно целокупното финансиско работење на ова Јавно обвинителство во извештајниот период се движи во рамки на одобрениот буџет.

Предметното постапување на ова Јавно обвинителство говори дека во извештајниот период започнати се многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминаа и во фаза на истрага. Воедно за краток временски период преземени се голем број процесни и административни дејствија. Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија.

Иако во извештајниот период ова Јавно обвинителство наиде на проблеми во остварување на соработка со правосудните и други институции, изразувам уверување дека во периодот што следи ова соработка ќе биде унапредена и сите тела државни органи и институции надлежни за спроведување на закони ќе обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка.

Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија.

На крајот сакам да укажам дека доставувањето на овој извештај е многу повеќе од исполнување на законска обврска и извор на податоци врз основа на кои може да се цени законитото и професионално работење на ова Јавно обвинителство. Овој извештај наметнува стандард на сите институции од правосудството за јавно и транспарентно поднесување на извештаи за работењето, се со цел целокупната стручна и поширока јавност да има увид во начинот на постапување, со што ќе се влијае на зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Нашата мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото. Ова Јавно обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство.

Поврзани новости