Советот на јавните обвинители денеска ќе ја одржи 67-та седница на која, како што е најавено, ќе треба да гласа за избор на јавни обвинители во Обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција. Поточно, треба да се изберат четворица обвинители.
На дневен ред на 67-та седница на Советот, меѓу другото, е и донесување одлука за формирање Комисија за спроведување на гласањето за избор на шеф на Организиран. За прв пат обвинителот ќе се бира на избори, односно за него ќе гласаат сите обвинители од земјава.
На огласот за избор се пријавени петмина кандидати, а гласањето ќе биде на 7 ноември.
Советот на ЈО во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.
Мандатот на суспендираната шефица Вилма Русковска трае до 14 ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.