Шест кандидати се борат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, на изборите што се одрржуваат денес.
Кандидати за ректор на УКИМ се професорите Христина Спасевска и Димитар Ташковски и двајвата од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), потоа професорите Горан Ајдински и Ратко Дуев и двајцата од Филозофскиот факултет, професорката Билјана Ангелова од Економскиот институт и професорот Атанас Кочов од Машинскиот факултет.
Во единствениот избирачки список на Универзитетот се запишани 1.419 гласачи, гласањето ќе се спроведе тајно во периодот од 12 до 14 часот. Ќе се гласа на 23 факултети и пет институции во состав на УКИМ.
По 14 часот, кога ќе заврши гласањето, изборните единици ќе ги пратат резултатите до Универзитетската изборна комисија, која до крајот на денот треба да ги објави резултатите од тајното гласање. Потоа ќе следува период за поднесување приговори за што рокот е три работни дена од утре до 5 јуни до 16 часот. Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, Комисијата на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати.
Доколку е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.
Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на УКИМ ја извршуваше два мандата.
Мандатот на новиот ректор ќе биде од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година.