Некои делови од градот Крушево веќе трет ден се без вода поради проблем со моторот на пумпите за вода, кој се расипал. Граѓаните на градот се револтирани поради ваквата ситуација, а директорот на ЈП Комуна Крушево, Наум Илиески бара разбирање од жителите, но и ја повика државата да помогне.
-Се расипа моторот за пумпите кој е од 1985 година и таков веќе не се произведува. Тоа е голем проблем. Дојдоа екипи на терен и поставија нова пумпа, која е привремено решение. Моторот ќе се даде на поправка, а дотогаш ќе се функционира со пумпата. Еден дел од проблемот е решен, а верувам дека утре ќе биде се во ред и од понеделник да се врати градот во нормално функционирање. Апелирам и до граѓаните, во ова време на пандемија, да не ги вадат своите градини, затоа што дополнително се намалува притисокот. За скоро време ќе почнеме со бушење и да бараме и нови извори за вода. Сметам дека државата треба да подаде рака во вакви моменти, изјави Илиески за Фокус.
Текст и фото: Јорданчо Цветаноски