Талат Џафери денеска нема да сведочи во Основниот кривичен суд во предметот за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието.
Тој денеска има две средби со делегации, па судот го известил дека ќе го повика на наредните рочишта.
-Сведокот Талат Џафери го извести судот дека е спречен да дојде на судењето бидејќи има делегации, но извести дека може да дојде на судење после 12 часот денеска. Но, бидејќи има многу сведоци денеска и не се знае колку ќе трае, судот го извести сведокот дека ќе биде повикан на некое од наредните рочишта, рече судијата Илија Трпков.
Во собраниската агенда на Џафери за денеска се предвидени две средби, со унгарскиот амбасадор Лазло Инстван во 10 часот и во 11:30 со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај.
Покрај претседателот на Собранието, за денеска се повикани да сведочат уште неколку пратеници кои беа дел од претходниот парламентарен состав, а од нив се појавија: Стојан Миланов, Борис Змејковски, Нада Ципушева, Павлинче Честојнова и Драган Цуклев.
Сите се предложени како сведоци од обвинетиот поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
На претходните рочишта, исто така по негов предлог, сведочеа уште 16 други пратеници од минатиот собраниски состав.
По сведоците на Вељаноски, на наредните рочишта треба да се сослушуваат и оние што се предложени од обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески.
Во случајот обвинети се и бившиот министер Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.