Дел од медицинскиот кадар понижен и деградиран: Секој ден прегледуваме потенцијално позитивни, а не сме исто наградени

by Frosina Fakova

Дел од лекарите и другите здравствени работници се чувствуваат понижено и деградирачки бидејќи не добија награда од 40 отсто од последната плата како нивните колеги кои беа директно вклучени во тестирањето и лекувањето на пациенти со Ковид-19, иако секојдневно прегледувале потенцијално позитивни пациенти и биле во речиси ист ризик да се заразат.

Специјалист педијатар од болница во внатрешноста за „Фокус“ вели дека ваквата препорака за нив е понижувачка и дава само еден пример со кој се соочила неодамна, кога прегледувала дете, за кое подоцна се потврдило дека е позитино на Ковид-19.

-Мојата професија како специјалист педијатар ја работам и сфаќам многу одговорно и доследно. Препораката за издавање на платежни картички само за медицински кадар кој помогнал во справувањето со пандемијата Ковид-19 во најмала рака е деградирачки и понижувачки за нашата професија. Секојдневно во амбуланта и на Оддел имаме пациенти со нивните родители, кои се потенцијални позитивни на Ковид – 19. Само за информација, неодамна испратив женско дете, старо една година и еден месец без знаци од респираторна симптоматологија во тешка клинича состојба на Клиниката за детски болести Скопје и истото дете излезе позитивно на Ковид-19 и заврши на Инфективната клиника во Скопје. Тоа дете го прегледав, мониторирав, ординирав терапија, дијагностицирав, направив лабораторија, РТГ на абдомен, консултирав хирург и во консултација со Детска клиника и Детска хирургија Скопје, го подготвив и испратив таму. Ова го кажувам само илустративно да ви доловам како ние педијатрите „не доѓаме“ во контакт со потенцијални заболени на Ковид-19“, вели лекарката чие име е познато на редакцијата.

Според Уредбата која ја донесе Владата 40 отсто награда од последната нето плата им следува само на здравствените работници кои директно се поврзани со тестирање, дијагностицирање и лекување на пациенти со Ковид-19, во Јавно здравствените установи, Институтот за јавно здравје и неколку други здравствени установи. Другите специјалисти и здравствени работници добиле различна висина на средства, во зависност од тоа колку пати дежурале на Инфективните одделенија, но нејасно е според кој критериум е одредена висината на наградите.

Од Министерството за финансии за „Фокус“ велат дека листите за здравствените работици корисници на домашна платежна картичка ја составува Фондот за здравствено осигурување.

-Согласно член 2 став 4 од „Уредбата за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги“ корисници на домашната платежна картичка се здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19, кои се државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавни здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медецинска помош, лица вработени во инфективните одделенија во општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани на инфективните одделенија на соодветните ЈЗУ респективно времето на ангажирање согласно евиденцијата на ФЗОМ заради тестирање, дијагностицирање или лекување на граѓани заболени од Ковид-19. Согласно член 3 став 3 од Уредбата листите за здравствените работници корисници на домашна платежна картичка ја составува ФЗОМ, велат од Министерството за финансии.

Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека домашна платежна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници. Со оваа платежна картичка која ќе ја издаваат банките, корисниците ќе можат да купуваат само македонски производи.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости