(ДЕФОКУС) Неделата во стихови: Да ни беа политичарите поети…

Извадок од рубриката Неделата во стихови, објавена во новиот број на неделникот Фокус

by fokus

Да беа нашите политичари поети, сигурно ќе даваа понекогаш изјави во стихови со рими. Но, бидејќи сепак тие не се поети, ни останува само да замислиме како би ги објасниле пред јавноста своите (не)дела во периодот од изминатата недела.

*Во секоја од строфите има линкови за сериозната вест од која се инспирирани стиховите.

 

Никола ТУПАНЧЕСКИ министер за ад-хок решенија
За бугарските центри што никнуваат ќе склопиме закон во најскор рок,
а во меѓувреме ќе импровизираме со некаква си комисија, тело ад-хок,
која ќе ја пополниме со експерти што демек „свое“ мислење ќе даваат,
и ќе се смири нацијата која е убедена дека државата ѝ ја распродаваат!

 

Трифун КОСТОВСКИ изнесувач на факти
За сите кои сакаат да сфатат кој ја уништи мојата банка, извештај имам,
а во него на 160 страници хорор приказна, би можел филм да снимам!
Евростандард банка е „убиена“ свесно, со стечај креиран, заговор цел,
ваков криминал можело да има сал ако сторителот од Власта бил дел!

 

Данела АРСОВСКА локална самоуправувачка
Видовте ли колегата Пецаков во Охрид што направи, маратонот го спаси,
а сѐ што стори е да понуди општински пари, иако празни се сите тие каси,
ама на мамката што ја фрли се фатија од АМС, и рекоа дека тие ќе платат,
хм, а дали ако на улични светла не штедам, на сличен мамец ќе се фатат?

 

Целата рубрика, каде со „нивни“ стихови се застапени уште и  Христијан Мицкоски, Крешник Бектеши, Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски е објавена во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

 

 

 

 

Поврзани новости