Основниот суд Скопје 1 денеска ги отфрли жалбите кои Специјалното обвинителство ги достави откако на осумтемина осомничени во случајот „Титаник“ не им беше определена мерка притвор. Ова значи дека поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, ќе се бранат од слобода.
-Кривичниот совет составен од тројца судии по секој поединечен предмет по жалба на обвинителството во кој како членови на совет учествуаа сите судии од Одделот за организиран криминал и корупција донесе решение со кое жалбите на обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за лицата Е.Т., М.Ј. М.П., и К.М., се одбиваат како неосновани, а решението на судија на претходна постапка се потврдува, се вели во соопштението на Судот.
На оваа одлука не е дозволено право на жалба, што значи дека притвор дефинитивно нема да има. За останатите жалби, меѓу кои е и жалбата за Гордана Јанкулоска, Судот уште нема донесено одлука.