Дедо Мраз го сели производството во Македонија

by lali

Покрај „Џонсон контролс“, „Џонсон Мети“ и Дедо Мраз ќе ги пресели своите фабрики од Лапонија во Македонија, најави вчера министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак.

– Дедо Мраз одлучи да инвестира во Бунарџик бидејќи македонските деца имаат едни од најниските барања во Европа кога се во прашање новогодишните подароци. За тоа е заслужна Владата на Република Македонија – изјави Самак кој се пофали дека со државни средства се изградил хелиодромот за санката на популарниот дедо со бела брада.

Самак не сакаше да ги коментира пишувањата на одредени медиуми оти Дедо Мраз го тресат корупциски скандали во Лапонија каде давал подароци на децата на високите функционери иако цела година биле немирни и имале ниски оценки.

Договорот меѓу владата и Дедо Мраз предвидува во првите неколку години сите трошоци за потковување на ирвасите и за сено да ги покрива Владата, како дел од стратегијата за привлекување на инвестиции наречена „Ирвас ин Маседониа“.

„Дедо Мраз е задоволен што доаѓа во земја каде има потенцијал за раст на неговиот бизнис. Акцијата за трето дете е една од мерките која не убеди дека Владата и премиерот Никола Груевски овозможуваат бизнис амбиент за нашата компанија“, стои во соопштението на „ Мраз пи-ар“ службата.

Со соопштение се јави и вечновладејачката ВМРО-ДПМНЕ која ја поздрави инвестицијата и потсети дека покрај Aуди, на времето Бранко Црвенковски го спречил и Дедо Мраз да инвестира во државава со образложение дека само тој може да биде носител на титулата прва брада во Македонија.

– Не може секое племе да има брада – рекол Црвенковски.

Disklejmer

Поврзани новости