Кога како тужители во Граѓанскиот суд, поради нанесена клевета или навреда, се јавуваат владини функционери, тогаш судиите носат пресуди по итна постапка, а кога нема вклученост на државен функционер, тогаш судиите подоследно ја практикуваат праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ова е заклучокот од денешната дебата организирана од Центарот за развој на медиуми. Оттаму беше изготвена и анализа на судските постапки, поведени според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од 15 јуни до 15 октомври.
Резултатите од истражувањето на ЦРМ говорат дема судот донел малку правосилни пресуди или од започнати 29 процеси правосилни се само четири.
Како еден од случаите кој го анализирал ЦРМ е тужбата на директорот на УБК, Сашо Мијалков до неделникот „Фокус“. Сметаат дека судот неправилно оценил дека изворот на информации е несериозен и нерелевантен, а истакнаа и дека пресудата покажала дека функционерите уживаат повисок степен на заштита во однос на новинарите и граѓаните.
ЦРМ е на ставот дека пресудата за „Фокус“ е негативна и загрижувачка и судот наместо да ја штити слободата на изразување дополнително ја загрозува.
-Од анализата на правосилната пресуда Мијалков против „Фокус“ може комотно да заклучиме дека постапувањето на судот е различно каде што се јавуваат функционери. Во оваа пресуда може да видиме дека судот постапува различно во однос на другите односно не го гледа јавниот интерес, недоследно ја применува праксата на Судот за човекови права. Во утврдувањето на надоместоците судот воопшто не водел сметка дека со досудените надоместоци се врши оладувачки ефект врз истражувачкото новинарство како и на слободата на изразување воопшто“, рече Владимир Медарски.
На Македонија и на владините функционери им недостасува поголема толерантност кон критиките кои доаѓаат до нив, смета Нени Јансен од (MLDI) организација која дава правна помош на новинари и блогери ширум светот.
„Треба да има поголема толеранција при критицизам за критика кон нив и сите јавни службеници. Илјада евра не е многу за медиум, но за индивидуалец е многу“, рече Јансен.
Уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова на денешната дебата рече дека душевната болка на министрите е многу поголема.
Како пример ја посочи тужбата од екс министерот за надворешни работи Антонио Милошоски кој од Фокус бараше 16.000 евра оштета.
Костова се осврна и на последната тужба до Фокус од директорот на УБК, Саш Мијалков. Рече дека постапката ќе ја тераат до Уставен иако не се надеваат на позитивен епилог. Постапката ќе одела така за да можат пресудата да се обжали пред Судот за човекови права во Стразбур.
„Само за да појаснам што е најапсурдно во пресудата против нас за текстот за Милошоски е дека судијата констатирал дека министерската душа боли подлабоко и честа им е поголема. Ова е најдиректно спротивно на стандардите на Стразбур“, рече Костова.