Во последните неколку денови, почнувајќи од Јужна Африка, па се до Германија и Велика Британија се појави уште една варијанта на опасниот корона вирус познат под името „омикрон“, кој според повеќето од лекарите е за 500 отсто позаразен, но создава полесна клиничка слика.
Епидемиологот Драган Даниловски вчера во разговор за „Фокус“ објасни дека со појавата на оваа уште позаразна варијанта, некаде за една година се очекува да се стави крај на корона вирусот, која би требало да се сведе на обична респираторна инфекција, слична на сезонскиот грип.
Иако здравствените власти остануваат на ставот дека нема потреба од нови рестриктивни мерки, сепак доктор Даниловски вели дека е неопходно да се инсистира поригорозно на носење маски во затворен простор, одржување растојание и дезинфекција на раце.
„Да се редуцира интензитетот на физичките контакти преку ограничување на гостите во угостителските, трговските објекти, стимулирање на работа од дома, каде што е можно. Особено важно е да се намалат ризиците во градскиот автобуски сообраќај, зашто автобусите беа и останаа жаришта на зараза.
Ако бројот на автобуси е ограничен, бројот на патниците може да се редуцира со скалесто работно време на фирмите. Така, истиот број автобуси ќе може да поаѓаат од постојките во различно време со редуциран број патници“, истакна доктор Даниловски.
Светската здравствена организација го класифицира новиот вид на корона вирусот oмикрон како „многу висок“ глобален ризик.
Во документот СЗО нагласува дека научниците сè уште малку знаат како oмикрон ќе влијае на текот на пандемијата.
– Омикрон имаа мутации чиј број е без преседан, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз развојот на пандемијата. Вкупниот глобален ризик поврзан со Омикрон е исклучително висок, се наведува во извештајот на СЗО.
Производителот на лекови Модерна денеска ги потресе финансиските пазари, откако шефот на компанијата Стефан Бансел предупреди дека вакцините против ковид-19 веројатно нема да бидат толку ефикасни против варијантата омикрон како што беа против делта.
„Мислам дека нема шанси ефикасноста да биде на исто ниво како што ја имавме со Делта варијантата. Мислам дека ќе има пад. Не знаеме само колку затоа што треба да ги чекаме податоците. Но, сите научници со кои разговарав велат дека крајниот резултат нема да биде добар.“ – изјави Стефан Бансел, извршен директор на Модерна .
Досега во земјата се направени вкупно 1.471.420 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.585, бројот на оздравени пациенти е 200.003, на починати е 7.581, а бројот на активни случаи изнесува 8.001.
Ирена МУЛАЧКА