Даниловски за „Фокус“: Догодина короната ќе се сведе само на сезонски грип

by Fokus

За само три дена, новиот сој на корона вирус познат под името омикрон со брзина на светлината се рашири во Јужна Африка, како и во неколку европски земји, со што, како што велат лекарите се потврдува неговата брза преносливост.

„Фокус“ поразговара со епидемиологот Драган Даниловски на оваа тема, кој објасни што значи новиот сој на вирус, како се пренесува и што треба да се преземе?

„Новата варијанта B.1.1.529, која Светската здравствена организација официјално ја нарече омикрон, за прв пат беше откриена на 11 ноември 2021 година во Боцвана. Тоа е држава северно од Јужна Африка. Оттогаш, B.1.1.529 е пронајден и во Јужна Африка. Научниците проценуваат дека до 90% од сите нови случаи на коронавирус во Јужна Африка може да се поврзани со Б.1.1.529.

 

Штом се покажа дека има меѓународни патници позитивни на новата варијанта, земјите почнаа да ги затвораат границите на одредени рути или да преземаат други мерки за ограничување на патувањето“, вели доктор Даниловски.

Според него, до денеска има 13 потврдени случаи на омикрон во Холандија и други случаи надвор од јужна Африка, вклучително и во Германија, Хонг Конг, Израел, Италија, Франција, Канада и Австралија.

„Новата варијанта има 32 мутации во протеинот на шилецот. За споредба, делта варијантата, која се смета за многу заразна, покажува осум мутации. Иако, бројот на мутации во протеинот на шилецот не е точен показател за тоа колку е опасна новата варијанта, тој сугерира дека на човечкиот имунолошки систем може да му биде потешко да се бори со неа.

 

Постојат индикации дека омикрон може да го избегне имунолошкиот одговор во голема мера, оставајќи ги луѓето во поголем ризик“, тврди епидемиологот.

НОВИОТ СОЈ ЌЕ ГО ИМАМЕ МНОГУ БРЗО И ЌЕ СЕ РАШИРИ КАКО ШУМСКИ ПОЖАР

СЗО го класифицираше B.1.1.529 како „варијанта на загриженост“. Дадено ѝ е името омикрон, буква во грчката азбука.

„Можно е вирусот да мутирал за време на хронична инфекција на лице чиј имунолошки систем веќе бил ослабен од нетретирана инфекција со ХИВ/СИДА. Но, тоа се шпекулации во оваа фаза, вели“ доктор Даниловски.

Тој додава дека инфекциите со новата варијанта не се нужно потешки, од инфекциите со претходните варијанти.

„Напротив, првите случаи биле со исклучително благи симптоми – претежно голема малаксаност, но без карактеристични корона симптоми, какви што се загубата на вкус и мирис. Но, бидејќи новата варијанта се шири побрзо, може да ги стави здравствените системи под поголем притисок во краток временски период.

 

Во моментов, едноставно нема доволно цврсти, епидемиолошки податоци за да се каже колку е заразна новата варијанта. Првите проценки се дека новата варијанта можеби е 500% позаразна од делта, објаснува епидемиологот.

Според него, новиот сој на корона вирус сигурно ќе се појави и во Македонија.

„ Кога ќе биде тоа, ќе зависи од бариерите што ќе ги поставиме на границите. Кога вирусите ќе се најдат загрозени во нивните походи, тие настојуваат да се адаптираат на новите услови, за да бидат во состојба нпречено да се шират. Тоа го постигнуваат со помали или поголеми мутации, преку кои стануваат или позаразни или посмртоносни.

 

Поголемата заразност ја постигнуваат со мутации кои овозможуваат заобиколување на веќе стекнатиот имунитет кај луѓе и тоа најчесто оди со помала смртоносност. Едноставно, на вирусот не му одговара да ги убива премногу брзо заразените домаќини, зашто така нема да можат ефикасно и подолго да го пренесуваат наоколу, додава докторот.

СОЈОТ ОМИКРОН Е ПОЗАРАЗЕН, НО СО ПОБЛАГИ СИМПТОМИ

Сепак, неговите прогнози се дека сојот омикрон,  ќе биде уште позаразен, но ќе има поблаги симптоми.

„Тој е исклучително заразен, но веќе се согледува дека предизвикува благи симптоми. Сѐ уште нема податоци како делува на постари и хронично болни лица. Кај нив веројатно би предизвикал потешка болест – исто како кај сезонскиот грип. Затоа, тие треба да внимаваат и да се заштитат.

 

Со појавата на омикрон, веројатно ги гледаме последните „трзаи“ на короната на планетата. Многу скоро – веројатно веќе догодина – ќе се сведе на респираторна инфекција со значење аналогно на сезонскиот грип. Секоја сезона понатаму, ризичните групи ќе треба да се вакцинираат не само против сезонски грип, туку и против ковид, вели доктор Даниловски.

Во однос на тоа дали треба да се преземаат нови рестриктивни мерки, доктор Даниловски тврди дека вирусите и нивните варијанти не ги почитуваат националните граници.

„Но, можно е ширењето да се забави. Сите 27 земји-членки на Европската унија во петокот се согласија привремено да го прекинат патувањето од седум јужноафрикански земји. Соединетите држави, исто така, го ограничија патувањето за неамерикански државјани од Јужна Африка и седум други земји од понеделник наваму. Израел воведе карантин од 14 дена за секој што влегува во земјата – не само од јужно-африканските земји.

 

Ограничувањата за патување може да помогнат да се забави ширењето на варијантата. Но, бидејќи првите случаи во Боцвана беа откриени во средината на ноември, а летовите дури сега се запираат, може реално да се претпостави дека омикрон веќе е транспортиран во други делови на светот“, вели докторот.

ДА СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ КАТАКЛИЗМА ПОРАДИ ЛЕСНАТА КЛИНИЧКА СЛИКА

Тој додава дека би требало да земеме пример од Израел, но не верува дека властите би се одлучиле на толку радикален чекор.

„ Зошто? Затоа што претстојат празници и сите иселеници ќе навалат да си дојдат дома. Можеме ли да замислиме дека власта ќе прифати сите да ги стави во карантин на граница? Нема шанси за тоа. Оттаму, вирусот ќе го имаме овде многу скоро и ќе се рашири како шумски пожар. Шанса да не се случи катаклизма е само многу веројатната лесна клиничка слика што ја предизвикува.

 

Ситуацијата може да се ублажи – ако веќе границите тешко може да ги заштитиме – со стимулирање на вакцинацијата, особено на третата доза кај постари и хронично болни, но и кај сите други кои имаат желба. А вакцинираните помлади од 40 години – по сопствен избор – имаат опција и да дозволат да си обезбедат природен „бустер“ со заразување“, објаснува Даниловски.

Досега во земјата се направени вкупно 1.468.996 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.125, бројот на оздравени пациенти е 199.460, на починати е 7.569, а бројот на активни случаи изнесува 8.096.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

 

 

 

Вирусите и нивните варијанти не ги почитуваат националните граници. Но, можно е ширењето да се забави. Сите 27 земји-членки на Европската унија во петокот се согласија привремено да го прекинат патувањето од седум јужноафрикански земји. Соединетите држави, исто така, го ограничија патувањето за неамерикански државјани од Јужна Африка и седум други земји од понеделник наваму. Израел воведе карантин од 14 дена за секој што влегува во земјата – не само од јужно-африканските земји.

Ограничувањата за патување може да помогнат да се забави ширењето на варијантата. Но, бидејќи првите случаи во Боцвана беа откриени во средината на ноември, а летовите дури сега се запираат, може реално да се претпостави дека омикрон веќе е транспортиран во други делови на светот.

 

 

 

Поврзани новости