Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени со дискусија да ги изнесат сите факти и аргументи против 10-месечното владеење на актуелната Влада, изјави денеска координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, откако за утре во 11 часот беше и официјално закажана седницата за доверба на Владата, на барање токму на опозициската партија.
Данев апелираше до сите пратеници на утрешното гласање пред себе да го стават интересот на сите граѓаните на Република Македонија, а не партиските и личните интереси.
– Ако тие интереси ги водат, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас, рече Данев.
Извесно е дека на утрешната седница нема да биде поддржано барањето на ВМРО-ДПМНЕ, што е потпишано од 41 пратеник, иако пратеничката група на коалицијата брои повеќе.
Пратеникот Реџеп Мемети од БЕСА (од крилото на Африм Гаши) изјави дека тие нивниот став за прашањето за доверба на Владата ќе го искажат на седницата.
Ние, рече, нема да ја поддржиме оваа иницијатива, но нашиот став ќе го искажеме на утрешната седница. Тоа, како што кажа, не е во врска со разговорите за влегување на оваа партија во Владата на премиерот Зоран Заев.